Со задоволство најавуваме дека Нансен дијалог центар Скопје е партнер за спроведување на проектот GEAR (Глобално образование и активен одговор) за заштита на човековите права, инклузија и промовирање на демократските вредности во интеркултурни општества, проект развиен од страна на граѓанската организација ГОНГ од Хрватска.
Проектот ќе овозможи подобрување на постоечките програми за социјална инклузија и интеркултурно образование во соработка со средните училишта и организации на граѓанското општество. Некои програми имаат долга традиција на спроведување на национално ниво во одредени земји, но тие, исто така, ќе бидат унапредени и надградени на транснационално ниво во согласност со реалните потреби. Проектот ќе овозможи транснационална размена на постоечките успешни практики помеѓу партнерите и наставниците- учесници од различни земји. Активностите ќе ги вклучуваат младите, наставниците и едукаторите /обучувачите од граѓанските организации.
Целта на GEAR проектот е да придонесе за меѓукултурното разбирање преку соработка помеѓу граѓанските организации и формалниот систем на образование, да поттикне размена на наставници и ученици, унапредување и подобрување на постоечките позитивни практики за интеркултурно образование помеѓу училиштата на локално, регионално, национално и меѓународно ниво. Општа цел на проектот е промовирање на демократските вредности, основните права, меѓукултурното разбирање и активно граѓанство и превенција на насилство и радикализација. Овој проект е финансиран од Програмата Еразмус + на Европската унија.
Проектот се спроведува во соработка со 11 партнери – организации на граѓанското општество, наставници, ученици и училиштата од пет европски земји: Хрватска, Италија, Шпанија, Словенија и Македонија. Организациите кои се вклучени во реализација на проектот се: ГОНГ, Нансен дијалог центар (Хрватска), Мировен институт (Словенија), GSI Италија (Италија), Фондација „Educativa y Asistencial Cives“ (Шпанија) и Нансен дијалог центар Скопје (Македонија), како и училиштето за економија и туризам „Дарувар“, ОУ „Синиша Главашевиќ“, ОУ Даљ (Хрватска), ОСТУ „Гостивар“ и ОУ „Лирија“ (Македонија).