На 6 февруари, 2015 г. беше означен почетокот на заедничкиот проект со Нансен Дијалог Центар Мостар. Проектот насловен “Обука на наставниците за интегрирано образование” е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Босна и Херцеговина.

НДЦ Мостар во партнерство со НДЦ Скопје вклучија 18 наставници во програмата за градење на капацитетите со цел да се промовира интегрирано образование во  кантонот Херцеговина – Неретва.

Денес, наставниците присуствуваа на првата работилница од основното ниво на  обука за интегрирано образование. Учесниците на обуката беа пречекани од страна на извршниот директор на НДЦ Скопје г. Сашо Стојковски , кој зборуваше за важноста и потребата за интегрирано образование во македонскиот и регионалниот контекст. По воведното обраќање, менаџерот на Тренинг центарот г-а Билјана Крстеска – Папиќ , и координаторот за едукација г-а Сонај Билал продолжија со агендата на програмата за обука.

Активностите на проектот ќе вклучуваат обуки за градење на капацитетите за интегрирано образование ( Основно ниво), кои ќе бидат организирани во Босна и Херцеговина и Македонија. Обуките ќе се реализираат од страна на релевантни стручни обучувачи со долгогодишно искуство во областа на интегрираното образование и професионалниот развој на наставниците.

Програмата за основно ниво на обука е конципирана и структурирана да им овозможи на наставниците да научат за карактеристиките, спецификите и добивките на Нансен моделот за интегрирано образование, и да ги развијат вештините за успешна непосредна реализација на интегрирани активности во училишта со мултиетничка структура на учениците.

Програмата за обука за интегрирано образование ќе даде голем придонес за обучувањето на наставниот кадар кој ќе работи на интегрирани образовни активности во поделените училишта, на наставниот кадар кој ќе работи во поделени училишта и кои  имаат потреба од професионален пристап за да одговорат на сите предизвици со кои се соочуваат културните поставувања. Наставниците ќе ги стекнат потребните вештини и компетенции за да предаваат во мултиетничките училишта со примена на најсовремените наставни методи и техники во мултикултурна средина.