На 15 декември, 2013 година, во текот на вториот ден на меѓународната конференција за интегрирано образование, на 33 учесника им беа доделени сертификати за успешно завршување на напредното ниво на обука. Сертификатите им беа доделени на наставниците од страна на менаџерот за едукација обука и развој при НДЦ Скопје, Билјана Крстеска-Папиќ, и вишиот советник при Советот за интегрирано образование, Клиодна Скот-Вилс.
Менаџерот за едукација, обука и развој при НДЦ Скопје, Билјана Крстеска-Папиќ, им се обрати на наставниците и присутните учесници на конференцијата и ја нагласи важноста за промоција на вредностите врз кои е изграден моделот за интегрирано образование Нансен. Крстеска-Папиќ наедно ја предочи важноста на интегрираното образование како единствена перспектива за македонскиот образовен систем во насока на соочување и излегување накрај со негативните процеси на сегрегација и јаз меѓу сите учесници и субјекти во воспитно-образовниот процес.
“Сите вие сте сега директни промотори на вредностите врз кои е внимателно граден моделот за интегрирано образование Нансен, а тоа се: меѓусебното почитување, толеранција, отворена комуникација, помагање, емпатија и промовирање на различностите сфатени како предизвик и богатство, наспроти нивното третирање како пречка. Вие ги надградивте вашите предзнаења, ги усовршивте вашите вештини и компетенции, но ги зацврстите и темелите на меѓусебно изградените релации, т. е. познанствата станаа пријателства, а разликите се трансформираа во предизвик подобро меѓусебно да се запознаете.“ Билјана Крстеска- Папиќ, Менаџер за едукација, обука и развој при НДЦ Скопје
На наставниците и на присутните учесници им се обрати и Клиодна Скот-Вилс од Советот за интегрирано образование на Северна Ирска којашто ја нагласи важноста за споделување на најдобрите меѓународни практики во полето на интегрираното образование.
„Ние сме среќни што имаме соработка со НДЦ Скопје и се стремиме кон понатамошно развивање на соработката. Ние, исто така, учиме многу од вас, и постојат многу идеи што можеме да ги развиеме и примениме во рамките на интегрираните училишта во Северна Ирска. Со ова, веруваме дека ќе имаме позитивно влијание во нашите училишта и навистина е важно да се развиваат мрежи на различни организации со цел да можеме да учиме едни од други и во оваа пригода ви посакувам сè најдобро во иднина.“ Клиодна Скот-Вилс, Виш советник за развој при НИЦИЕ
Извршниот директор на Советот за интегрирано образование на Северна Ирска, Норин Кемпбел, им честиташе на наставниците што успешно го завршија напредното ниво на обука во рамките на Тренинг-центарот на НДЦ Скопје преку видеообраќање.
“Би сакала да ви честитам на сите вас ова попладне за успешното завршување на напредното ниво на обука. Со големо задоволство ги потпишав вашите сертификати. Вие покажавте голема посветеност кон вашиот професионален развој и вашиот професионален развој во полето на интегрираното образование. Се надевам дека ова поле на образование ќе имате желба да го продолжите и во иднина. Со вашето учество, вие давате придонес за вашите училишта, за вашата работа и за изградба на подобро општество во Македонија.“ Норин Кемпбел, Извршен директор на НИЦИЕ