На 7 јуни 2017 година НДЦ Скопје ја посети делегација на претставници од здружението Пиколо Фјоре од Биела, Италија. Претставниците остварија средба со персоналот на НДЦ Скопје и наставниците- реализатори на Нансен моделот за интегрирано образование кои учествуваа на студиските посети во Италија во рамки на проектот “Ponti di Solidarieta” спроведуван од здружението Пиколо Фјоре во Италија со поддршка на НДЦ Скопје. Во текот на состанокот, НДЦ Скопје ги информираше претставниците на делегацијата за развојот на Нансен моделот за интегрирано образование, а наставниците ги споделија нивните импресии од студиското патување во Италија.
Официјалната соработка меѓу Нансен дијалог центар Скопје и здружението Пиколо Фјоре беше воспоставена во октомври 2014 година кога претставниците изразија интерес за средба со НДЦ Скопје, со цел да се увидат можностите за идна соработка и размена на искуства меѓу двете организации, особено во областа на образовните програми. Оттогаш, беа организирани две студиски патувања за наставници како резултат од меѓусебната соработка.
Здружението Пиколо Фјоре е основано во 1984 година со цел поддршка на хуманитарната организација Domus Laetitiae. Активностите на здружението се насочени кон активности кои ја поддржуваат социјалната солидарност, главно, во областа на инклузијата и поддршката на лицата со посебни потреби. Здружението има блиска соработка со други групи и волонтерски организации во локалната заедница и е член на Социјалниот совет на волонтери за градот Биела, Италија.