На 6 ноември 205 година, во просториите на Тренинг центарот на НДЦ Скопје, учесниците имаа можност да присуствуваат на предавањето подготвено од страна на г-ѓа Силвија Аматуро од Регионалниот волонтерски центар Биеле од Италија. Тема на предавањето беше “Волонтерството и училиштата во Италија”.

За време на предавањето учесниците имаа можност да чујат повеќе за историјата на волонтеризмот во Италија, правната рамка на волонтерските здруженија како и за учеството на училиштата во волонтерските активности од различни области. Г-ѓа Аматуро го претстави најновиот проект имплементиран од страна на Регионалниот волонтерски центар и сознанијата од спроведеното истражување во врска со стекнатите вештини и компетенции на учениците и наставниците волонтери. Учесниците разговараа за актуелната состојба во земјата и статусот на училиштата во врска со волонтерските активности и иницијативи.

По предавањето, учесниците беа запознаени со новоразвиената Платформа за реализаторите на Нансен моделот за интегрирано образование создадена со цел обезбедување на потребните ресурси за успешно планирање, организирање и имплементација на Нансен моделот за интегрирано образование. Платформата беше презентирана од страна на претставниците на НДЦ, г-ѓа Јасмина Романова и г-ѓа Мирлинда Алемдар. Веб-базираната платформа ќе биде достапна за наставниците кои се одговорни за практичната имплементација на интегрираните воннаставни активности во училиштата кои се вклучени во Нансен моделот, и училиштата кои го имплементираат моделот преку проектни активности.

На крајот на работниот ден на учесниците им се обрати извршниот директор на НДЦ Скопје г. Сашо Стојковски кој зборуваше за соработката со здруженијата од Италија во однос на споделување на искуства со наставниците. Извршниот директор, исто така, ја потврди важноста на on-line Платформата за реализаторите на Нансен моделот за интегрирано образование и нејзиното значење за подобрување на квалитетот на интегрираните воннаставни активности.