На 11 октомври 2016 година проф. Стеинар Брин, основач на Нансен дијалог мрежата, одржа говор на конференцијата на тема: „Рамковната конвенција: клучна алатка за управување со разновидност преку малцинските права“ што се одржа во Стразбур.

Конференцијата беше организирана од страна на Советот на Европа, а целта беше да се започне со Четвртата тематска група на Советодавниот комитет за примената на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (РКНМ).

За време на главното обраќање проф. Стеинар Брин зборуваше за потребата за инвестирање и развој на заедничко општество, како и потребата за интегрирано образование. Брин нагласи дека само интегрираните и инклузивни општества можат да обезбедат ефикасна заштита и унапредување на правата на малцинствата и го истакна значењето на дијалогот и помирувањето како неопходни компоненти во текот на процесот. Брин се осврна на актуелните општествени прашања поврзани со мултикултурализмот којшто се оспорува од страна на културолошкиот паралелизам и објасни конкретни примери и успешни приказни од семинарите реализирани во рамките на Нансен дијалог мрежата и работата на Нансен дијалог центрите во земјите од Западен Балкан.

Брин го истакна успехот на Нансен моделот за интегрирано образование и Тренинг центарот при НДЦ Скопје кои придонесле за унапредување на процесите на интеграција во образованието и служат како пример за многу регионални и меѓународни образовни институции.