ОСЛО, 19 јуни 2018 година – Менаџерот на Тренинг центарот при НДЦ Скопје, г-ѓа Биљана Крстеска-Папиќ и основачот на Нансен дијалог мрежата г. Стеинар Брин, присуствуваа на Конференцијата: „Универзалната декларација за човекови права на 70-та годишнина. Човекови права и инклузија: Услови за соживотот во конфликтнните општества”.

Конференцијата се одржa во Норвешкиот Нобелов институт и беше отворена со воведно обраќање на г-ѓа Ине Ериксен Сереиде, министерка за надворешни работи на Норвешка, г-дин Гури Хелетнес, директор на Центарот за проучување на холокаустот и религиозните малцинства, Хенрик Сисе, професор на Институтот за истражување на мирот во Осло.

“Инклузивното граѓанство, каде што поединците уживаат еднакви можности и права, без оглед на нивниот пол, религија, економска и социјална состојба или етничка припадност е од фундаментално значење за нашето општество”, истакна министерот за надворешни работи на Норвешка за време на нејзините воведни забелешки.

Во панелот посветен на темата “Условите за соживот во конфликтните општества”, Биљана Крстеска-Папиќ и Стеинар Брин го споделија искуството од Нансен приодот кон градење на мирни и кохезивни општества со помош на дијалогот и интеркултурното образование како алатки за помирување во поделените општества. Учесниците исто така имаа можност да слушнат повеќе за резултатите и достигнувањата на Нансен моделот за интеркултурно образование и неговото влијание.