Во периодот од 12 до 14 октомври 2017 година, проект менаџерот на НДЦ Скопје, Ветон Зеколи заедно со наставниците Дарко Талески, Северџане Вишка и Гарип Шаќири, присуствуваа на тридневната обука за наставници на тема “Градење инклузивни и интеркултурни средини преку глобално граѓанско образование” во Сполето, Италија.

Наставниците реализираа презентации и работилници за: Интеркултурни комуникациски вештини, стратегии и техники за справување со изворите на стереотипи и предрасуди во училишната средина и создавање на интеркултурни дидактички ресурси.

Обуката беше транснационална тридневна размена на која учествуваа околу 20 наставници, едукатори и младински работници од граѓански организации од Шпанија, Италија, Словенија, Хрватска и Македонија. Размената беше фокусирана на учење од најдобрите практики за граѓанско образование за промовирање на демократските вредности, фундаменталните права, интеркултурно разбирање и активно граѓанство. Наставниците и едукаторите беа охрабрени да ги едуцираат децата и младите во духот на граѓанското и меѓукултурното образование, човековите права, толеранцијата кон другиот и критичкото размислување.