Нансен дијалог центарот од Скопје (НДЦ) годинава одбележува две децении работа и посветеност на развојот на интеркултурното образование во Северна Македонија, имајќи ги за свои парнери во тој процес учениците, родителите, наставниците и институциите.
Сите овие години НДЦ се води од својата визија – општество во кое сите имаат еднаков пристап до квалитетно образование базирано врз интеркултурализам, интеретничка интеграција и кохезија.
20 години НДЦ ја реализира својата мисија – поддршка и придонес во развојот на образованието преку развој на воспитно-образовни институции, на политики и практики, како и на промоција на дијалогот во превенцијата на конфликти, преку помирување и градење мир во општеството.
Формиран во 2000 година, НДЦ одигра клучна улога во враќањето на довербата меѓу етничките заедници во средините зафатени со конфликтот во 2001 година, за денес веќе да зборуваме за финесите кои се потребни за Северна Македонија конечно вистински да биде едно општество за сите.
Во постигнувањето на целите, важно е дека НДЦ тргна токму од оние кои треба да ја градат заедничката иднина – младите, и тоа од основното образование. Со својот ненаметлив пристап, на децата од различни етнички заедници им е овозможена средина во која низ годините самите воочија дека јазикот, културата, традицијата, вредностите, верувањата… се елементи на сплотување, а не на поделба.
Во пeриодот што следува, преку петнаесеттина стории ќе ви ги раскажеме клучните настани и процеси со кои заедно растевме, а еве кратка најава за љубопитно да нѐ следите:
Од 2000 до 2004 година, НДЦ повеќе е фокусиран на соработката на земјите од регионов преку семинари и форуми со новинари, млади лидери и млади политичари. Во 2003 ја одржа и Школата за млади политичари во Охрид. Од 2005 почнува програмата „Дијалог и помирување“ во Општина Јегуновце, каде што етничката поделеност по конфликтот во 2001 година стануваше сè поголема. Работата на НДЦ беше силно поддржана од жителите, што резултираше со отворање на првите интегрирани двојазични училишта во земјава токму во селото Прељубиште во 2008 и 2010 година.
НДЦ во Северна Македонија го воведе Нансен моделот за интеркултурно образование кој се применува во повеќе од 30 основни и средни училишта. Автор е и на стратешки документи, како што е Концепцијата за интеркултурно образование, многу дидактички прирачници, квалитативни истражувања, двонасочните македонско-албански и албанско-македонски разговорник и речник итн.
НДЦ во 2011 година ја доби престижната награда „Макс ван дер Штул“ што ја доделува ОБСЕ за промовирање на интегрирано образование и за подобрување на соработката меѓу етничките заедници.
Ова е само дел од развојниот пат на НДЦ Скопје. Да растеме заедно уште многу години!