На 29 јануари, 2016 година Нансен дијалог центар Скопје организираше конференција со предавања од меѓународни експерти на тема “Европски и меѓународни концепти за интегрирано образование и интеркулурен дијалог“. Конференцијата се одржа во просториите на општина Чаир и беше организирана како составен дел од напредното ниво на обука за интегрирано образование во рамки на Тренинг центарот при НДЦ Скопје.
Во текот на конференцијата беа реализирани предавања од истакнати меѓународни експерти кои се дел од меѓународниот тим на обучувачи во рамки на Тренинг центарот за интегрирано образование. Првото предавање беше реализирано од проф. д-р. Стеинар Брин од Нансен центарот за мир и дијалог во Лилехамер, Норвешка на тема: “Интегрираното образование како глобален тренд и тенденција“ по кое што следување предавањето на проф. д-р. Зви Бекерман од Еврејскиот Универзитет во Ерусалим на тема: „Билингвалните и интегрирани палестински- арапски/ еврејски училишта како метафора за различна реалност- успех или неуспех“. Предавањата беа проследени со сесија за дискусија, прашања и одговори и споделување на мислењата и искуствата од страна на учесниците.
По формалниот дел на Конференцијата, на 5 групи на учесници на напредното ниво на обука (група 6, 7, 8, 9 и 11) им беа доделени сертификати за успешно завршено напредно ниво на обука за интегрирано образование. На учесниците им се обратија Советникот на министерот за образование и наука, Сафет Незири, Директорот на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски и Менаџерот на Тренинг центарот при НДЦ Скопје, Биљана Крстеска- Папиќ.
На конференцијата учествуваа 100 наставници, професори и стручни соработници кои успешно го завршија напредното ниво на обука за интегрирано образование.
За повеќе фотографии кликнете тука.