На 20 и 21 септември 2013 година НДЦ Скопје беше домаќин на делегација од Босна и Херцеговина составена од владини претставници од кантонот Херцеговина – Неретва. Делегацијата беше предводена од премиерот Денис Ласиќ, министерот за образование, култура и спорт, Златко Хаџиомеровиќ, шефот на кабинетот на премиерот, Веселко Черкез, и советникот на министерот за образование, Амир Кадрибеговиќ. Посетата беше организирана од Нансен дијалог центар Мостар и е дел од заложбите за подобрување на квалитетот на образованието и воведување на концептот за интегрираното образование во кантонот Херцеговина – Неретва. Владините претставници се запознаа со почетните подготвителни фази за воведување на интегрираното образование во Македонија реализирани од страна на НДЦ Скопје. По повод посетата, НДЦ Скопје организираше низа посети и консултации со дел од клучните поддржувачи на иницираната идеја за интегрирано образование.

На 20 септември 2013 година делегацијата се сретна со градоначалникот на Општина Јегуновце, Тони Коцески, при што беа дискутирани предизвиците со кои се соочувала Општината при отпочнувањето на проектот Нансен модел за интегрирано образование како и придобивките за целото население кои произлегле како директен резултат на проектот. По состанокот во Општина Јегуновце, делегацијата беше во посета на првото интегрирано основно и средно училиште во Прељубиште каде се сретнаа со наставниците и учениците, и наедно присуствуваа на една интегрирана воннаставна активност во средното училиште. Во Скопје делегацијата оствари средба со министерот за животна средина и просторно планирање, Абулаќим Адеми, кој бил еден од поддржувачите на проектот за дијалог и помирување како и на Нансен моделот за интегрирано образование. Министерот Адеми ги сподели неговите впечатоци и размислувања по однос на заложбите и подготовките кои треба да се преземат за да се постигнат оптимални резултати во полето на интеграцијата, и ја пренесе пораката дека упорноста е клучен фактор за постигнување успех при имплементација на проекти од овој вид.

Во текот на посетата, делегацијата оствари средба во Министерството за образование и наука каде беа пречекани од заменик-министерот за образование и наука, Сафет Незири. Г. Незири даде еден осврт на општата образовна клима во Р. Македонија и клучните фактори кои треба да се земат предвид при постепеното воведување на концептот за интегрирано образование. Акцентот беше ставен на потебата за добра комуникација меѓу владините претставници од различно етничко потекло како силна порака до општеството.

На 21 септември 2013 година делегацијата ги посети канцелариите на НДЦ Скопје со цел подобро запознавање со работата на центарот и добивање јасна слика за активностите реализирани за отпочнување на проектот, вклучувајќи ги и подготвителните консултации пред основањето на првите интегрирани училишта.

Извршниот директор на НДЦ Скопје одржа презентација за проектот Дијалог и реконсилијација кој наедно ја претставува основата за понатамошен развој на Нансен моделот за интегрирано образование. Г. Стојковски ја презентираше структурата на проектот и постигнатите резултати, како и предизвиците со кои се соочил тимот на НДЦ Скопје во текот на почетните фази на проектот. Менаџерот на тимот за едукација, обука и развој, Билјана Крстеска-Папиќ, го претстави развојниот пат на Нансен моделот за интегрирано образование како и неговите обележја и карактеристики. Во продолжение на презентацијата, присутните гости имаа можност да се запознаат со улогата на Центарот за тренинг за интегрирано образование и неговата важна улога во сферата на интегрираното образование.

НДЦ Скопје ќе продолжи да ги споделува најдобрите практики локално и регионално и ќе ја нуди потребната поддршка и експертиза, со цел да се поддржи процесот на воспоставување на интегрираното образование како образовен тренд и тенденција.

За повеќе фотографии, кликни тука.