Во периодот од 5-9 декември 2010 година, делегација од Македонија беше во пет дневна студиска посета на Кралството Норвешка. Делегацијата беше составена од претсатвници на Министерството за образование и наука, Секретаријатот за имплементација на рамковниот договор, градоначалници, претставници на локалната самоурава (раководители на сектори за образование) и директори на основни и средни училишта.

Организатор на посетата беше невладината организација Нансен дијалог центар од Скопје, а целта на посетата беше членовите на делегацијата подетално да се запознаат со работата на Нансен мрежата на Балканот, Нансен академијата и да се разменат искуства од сферата на образованието и локалната самоуправа.

Во Лилехамер, делегацијата ја посети Нансен академијата и имаа средба со Проф. Инге Еидсваг – поранешен декан на академијата. Професорот Еидсваг направи презентација за историјата на Нансен академијата во Лилехамер која е основана во 1938 година и одржа предавање за делата и подвизите на еден од најпознатите Норвежани и добитник на Нобеловата награда за мир – Фридтјоф Нансен. Професорот Еидсваг, гостите од Македонија накратко ги запозна и со структурата и начинот на поставеност на образовниот ситем на Норвешка и напорите што ги прават Норвешките власти за интеграција во образованието на учениците од различни етнички потекла кои живеат во Норвешка.

После презентацијата за образовниот систем, следуваше презентација за политичкиот систем на Норвешка. Г-ѓа Ингун Скурдал, поранешен заменик градоначалник го објасни функционирањето и структурата на политичкиот систем во Норвешка, улогата на Кралот и неговите ингиренции, Владата, Парламентот,  регионите и локалните самоуправи. Во својата презентација г-ѓа Скурдал информираше за Парламентот кој моментално е составен од 7 политички партии, еднаквата полова застапеност во составот на Владата (50-50) и за процентот на  невработеност во Норвешка кој изнесува само 3%.

По завршувањето на посетата на Нансен академијата, делегацијата од Македонија имаше средба со градоначалничката на општина Лилехамер г-ѓа Синове Бренден и заменик менаџерот на општината г-дин Бјорн Ли. Претставниците на општината направија презентација за структурата и телата на општината од која можеше да се види улогата на општинаската администрација која работи професионално и независно од промените на политичките партии кои доаѓаат на власт. Од презентацијата оставија впечаток деталите за бројот на жители на општина Лилехамер кој изнесува околу 26.000, бројот на вработени во администрација околу 6.000 и годишниот буџет на општината кој за 2010 година изнесуваше 194 милиони евра, од кои најголемиот дел од средствата се трошат на здравство, социјала и образование.

Делегацијата од Македонија направи посетата на основното училиште “Соре ал“ во Лилехамер и имаше можност да види како започнува училишниот ден во ова основно училиште. Денот започна со приредба организирана од страна на учениците од шесто и седмо одделение. Традиционално, секој понеделник во ова училиште работната недела започнува со приредба изготвена од страна на учениците. Од страна на директорката на училиштето г-ѓа Бодил Алвир Моен беше направена презентација за училиштето, за специфичноста на ова училиште кое е од отворен тип, начинот на изведување на наставата, начинот на оценување и евалуирање на знаењата на учениците и накратко беа објаснети моделите на основното образование во Норвешка кое трае 7 години. Членовите на делегацијата од Македонија го разгледаа училиштето и она што остави впечаток е техничката опременост на ова училиште и литературата со која располага.

По посетата на основното училиште во Лилехамер, делегацијата од Македонија направи посета на регионалната комунална компанија “Глор“ во Лилехамер. Од страна на претставници на компанијата беше презентирана улогата на “Глор“ во општина Лилехамер. Преку разни кампањи ова компанија има придонесено да се смени свеста кај жителите на Лилехамер на сметот да не гледаат нешто валкано туку како ресурс од кој може да се профитира. Компанијата Глор го собира,  селектира, рециклира и 70% преработува сметот во електрична енергија и пластични производи. Годишната заработувачка на ова компанија изнесува околу 1 милион евра.

После посетата на “Глор“, членовите на делегацијата ја посетија Олимписката арена во Лилехамер, местото каде што се одржуваа дел од Олимписките игри во 1994 година. За време на посетата на 120м скокалница, тренинг имаше Норвешката репрезентација и тоа беше добра можност да се направи некоја фотографија со светскиот шампион на Норвешка во индивидуални скокови.

Следна активност беше посета на музејот Хундерфосен и општина Ојер. Во општината живеат 5000 жители, мала општина но туристички многу развиена. Делегацијата се сретна со градоначалничката на општината која направи презентација на структурата и функционирањето на оваа општина. Иако мала по број на жители, општина Ојер е голема по територија и богата со терени за зимски и летни спортови. Во оваа општина годишно се евидентираат околу 800.000 туристички ноќевања.

По завршувањето на посетата на општина Ојер, делегацијата од Македонија имаше средба со Проф. Стеинар Брин – дирекотр на Нансен дијалог проектот на Балканот. Професорот Брин зборуваше за присуството и улогата на Нансен мрежата во процесот на реконсилијација на Балканот и резултатите постигнати од проектите кои ги реализираат Нансен канцелариите на Балканот. Фокусот на средбата со професорот Брин беше ставен на проектите што ги реализира Нансен канцеларијата во Скопје, односно Нансен моделот за интегрирано образование кој што се имплементира во општините Јегуновце и Струмица. На ова средба беше отворена дискусија за искуствата од мултиетничките општини и училишта од каде што доаѓаа гостите од Македонија и можностите за проширување на Нансен моделот и проектите за интегрирано образование.

Норвешка – Франција, Европски шампионат во ракомет – жени, беше следниот настан на кој присуствуваше делегацијата од Македонија. Натпреварот се одржа во спортската сала во Лилехамер и со поддршката која ја доби Норвешката репрезентација од делегацијата од Македонија успеа да ја победи репрезентацијата на Франција со резултат 33 : 22 голови.

Наредниот ден делегацијата замина за Осло. Го посетија едно од најпознатите мултиетнички училишта во Осло – училиштето Тојен. Директорот на училиштето г-дин Тор Халгесен ги запозна гостите со историјатот на училиштето и структурата на учениците кои учат во ова училиште. Интересен беше податокот дека во ова училиште учат ученици од 24 различни етнички групи и образованието се одвива на својот мајчин јазик и на норвешки. Членовите на делегацијата имаа можност да присусвуваат на дел од наставата која се одвиваше дво и три јазично, зависно од возраста на учениците и нивното познавање на норвешкиот јазик. Истот така импесивно беше техничката опременост на училиштето, користењето на интернет апликации за соработка со родителите и евиденцијата која се води за напредокот на секој ученик поединечно.

После посетата на училиштето Тојен, делегацијата имаше состанок во Министерството за надворешни работи на Норвешка. Тие се сретнаа со г-дин Арилд Санде Моберг – главен претставник на МНР на Норвешка за Македонија. На состанокот се разговараше за состојбите во образованието во Македонија и напредокот во интеграцијата на учениците во училиштата.

Следна посета беше на Европскиот Вегерленд центар во Осло, организација која работи како ресурсен центар за обука на наставници од областа за меѓукултурно разбирање и човекови права. Од страна на претставниците на центарот беше направена презентација за нивната организација, пректите и активностите кои ги имаат реализирано во Источна Европа и беше искажан интерес за соработка со НДЦ Скопје за проширување на нивните проекти и во Македонија.

Со овој состанок заврши студиската посета на Норвешка од страна на делегацијата од Македонија која беше составена од:
г-дин Сади Беџети – градоначалник на општина Тетово; г-дин Стевчо Јакимовски – градоначалник на општина Карпош (град Скопје); г-дин Горан Петров – градоначалник на општина Велес; г-дин Дарко Митевски – градоначалник на општина  Македонска Каменица; г-ца Росица Тошевска – претставник на Министерството за образование и наука, г-дин Ахмед Ќазими – претставник на Секеретаријатот за имплементација на рамковниот договор; г-дин Марјан Даскаловски – Преседавач на Совет на општина Струмица; г-дин Шефкет Зеколи – раководител на сектор за образование во општина Чаир (град Скопје); г-дин Илија Богоев – раководител на секторот за образование во општина Гази Баба (град Скопје); г-дин Перо Глигоров – директор на ССОУ “Моша Пијаде“ – Тетово; г-дин Музафер Реџепи – директор на ООУ. Јане Сандански во општина Чаир; г-дин Драги Петковски – Директор на ООУ “Аврам Писевски“ во општина  Карпош; г-ѓа. Снежана Колева – Директорка на ООУ “Маршал Тито“ во општина Струмица; г-дин Сашо Стојковски – Извршен директор на НДЦ Скопје; г-дин Вeтон Зеколи – Проект координатор во НДЦ Скопје; г-ца Христена Антовска – новинар во А1 ТВ; г-дин Горан Талески – снимател во А1 ТВ и г-дин Ветон Кодра.

За повеќе фотографии, кликни тука.