На 9 јули 2013 год. делегација составена од советници при Владата на Р. Турција, универзитетски професори, претставници на образовни институции и организации, оствари средба со тимот на Нансен дијалог центар Скопје во просториите на Тренинг-центарот за НМИО.
Целта на посетата беше информирање и запознавање на делегацијата со програмските активности на Нансен дијалог центар Скопје во сферата на интегрираното образование, и наедно, разгледување на можностите за соработка со релевантните турски иституции и организации.
Претставниците на НДЦ Скопје детаљно го претставија Нансен моделот за интегрирано образование односно неговите обележја, карактеристики и придобивките на образовниот систем од програмските активности кои се спроведуваат во училиштата во состав на НМИО.
Интегрираните воннаставни активности беа претставени со помош на видеозапис од реализиран час, при што делегацијата имаше можност да долови дел од атмосферата на часот и методологијата на работа која се применува при реализацијата на интегрираните воннаставни активности.
Во текот на состанокот, тимот на НДЦ Скопје ја претстави работата на првиот Тренинг-центар за интегрирано образование, и ги презентираше темите од основниот и напредниот пакет за обука за интегрирано образование кој се реализира во рамките на Тренинг-центарот.
Делегацијата изрази голем интерес за делокругот на работа на Нансен дијалог центар Скопје и изрази желба за повторна средба и посета на дел од училиштата кои го применуваат Нансен моделот за интегрирано образование.
Првичната средба меѓу претставниците на НДЦ Скопје и дел од претставниците на делегацијата беше остварена во текот на работната посета на Р. Турција во периодот 17-20 јуни 2013 год.