Во периодот 7-10 мај, 2014 г. НДЦ Скопје ја посети делегација од Северна Ирска составена од Норин Кембел- директорка на НИЦИЕ, Патрициа Муртаг- директорка на ИОУ „Хејзелвуд“, Најџел Арнолд- директор на ИОУ „Гленгормли“, Олвен Грифит- директорка на интегрираниот колеџ „Блеквотер“ и Најџел Фрит- директор на интегрираниот колеџ „Друмрах“. Целта на посетата беше запознавање со програмските активности на НДЦ Скопје во полето на интегрираното образование, посета на училиштата што го применуваат Нансен моделот за интегрирано образование како и придонес кон развојот на програмата за соработка со директорите на училиштата.

На 7 мај, делегацијата ги посети просториите на НДЦ Скопје и Тренинг Центарот каде што проследија презентации подготвени од страна на извршниот директор на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски, проект менаџерот, Ветон Зеколи, менаџерот на тимот за ЕОР, Билјана Крстеска- Папиќ и координаторот за ЕОР, Сонај Билал.

На 8 мај, делегацијата од Северна Ирска го посети ОУ„Славчо Стојменски“ во општина Виница каде што присуствуваа на една интегрирана воннаставна активност реализирана од наставничките Шенај Амедова и Сања Смиланска. Потоа, делегацијата оствари средба со градоначалникот на Виница, Емил Дончев и директорот на ОУ„Славчо Стојменски“, Јорданчо Стојанов.

На 9 мај, гостите го посетија првото интегрирано основно училиште „Фридтјоф Нансен“ во Прељубиште, општина Јегуновце и првото средно интегрирано училиште „Моша Пијаде“. Во текот на посетата на општина Јегуновце, делегацијата оствари средба со градоначалникот Тони Коцески кој ги пренесе неговите впечатоци од придобивките на интегрираното образование.

Во последниот ден од посетата, 10 мај, НДЦ Скопје организираше состанок со 20 директори на основни и средни училишта од Р. Македонија кои изразиле интерес за воведување на Нансен моделот за интегрирано образование во рамките на нивните училишта. Во текот на состанокот, директорите имаа прилика да дознаат повеќе информации околу интегрираните училишта во Северна Ирска преку презентациите подготвени од страна на директорите од интегрираните училишта од Северна Ирска. Претставниците на НДЦ Скопје детално го претставија Нансен моделот за интегрирано образование и ја потенцираа важноста на интегрираното образование во македонскиот општествен контекст.

Посетата на групата директори на училишта и директорката на НИЦИЕ е од особена важност за НДЦ Скопје и претставува основа за размена на нови информации и искуства, продлабочување на соработката и иницирање на нови полиња на соработка во иднината.

За повеќе фотографии кликнете тука.