Современа и неопходна. Вака може да се опише Концепцијата за интеркултурно образование која Нансен дијалог центарот од Скопје (НДЦ) ја изработи на барање на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија (МОН) во 2015 година. Концепцијата е прифатена од МОН како официјален документ и може да се најде и на интернет-страницата на Министерството.
Потребата од една ваква концепција во образованието не се појави само поради мултикултурниот карактер на нашето општество, туку ова е потреба на секое современо општество кое се менува поради глобалните миграциски движења, како и мултијазичната и мултикултурната традиција која се негува во многу европски и светски демократии.
Но, покрај ова, македонското општество се соочува и со поинаков проблем – тенденција за формирање на моноетнички училишта. За ова говори и податокот дека само во 19 проценти од основните училишта во Северна Македонија има настава на два јазика, а во нешто помалку од 5 отсто – на три јазици. Има училишта кои се нарекуваат мултиетнички, но, всушност, се учи во различни објекти, одвоени подрачни и централни училишта кои повторно се монојазични, а учениците од различни етнички заедници ретко се мешаат. Така кај учениците се создаваат предрасуди и стереотипи кои уште повеќе ги делат.
Интеркултурното образование го карактеризираат заедништво, солидарност, почитување, толеранција, помагање, доверба и други универзални човекови вредности.
Концепцијата за интеркултурно образование на НДЦ е стратегиски и развоен документ чија мисија е унапредување на уставното и законското право на еднакво образование за сите, негување на сопствениот национален и културен идентитет, како и прифаќање и почитување на различностите. Ова би се постигнало преку активности и содржини кои ја промовираат интеркултурноста во образовниот процес.
Вредностите врз кои се базира интеркултурното образование се втемелени во меѓународни документи уште од средината на минатиот век и содржат насоки за развој на образованието во Европа и пошироко.
Содржината на Концепцијата за интеркултурно образование е основа за градење образовни политики кои ќе овозможат еднаква вклученост на припадниците на различни етнички заедници во воспитно-образовната дејност.
Начелата од оваа Концепција од 2015 година се применуваат во воспитно-образовниот процес во основните и средните училишта во Северна Македонија и во некои од нив веќе даваат резултати.
За да ја погледнете и преземете Концепцијата за интеркултурно образование, Ве молиме кликнете на следните линкови: