Извршниот директор на НДЦ Скопје г-дин Сашо Стојковски и менаџерот на Тренинг Центарот г-ѓа Биљана Крстеска – Папиќ заедно со партнерите вклучени во проектот Нансен модел за интегрирано образование – директорот на ОУ „Славчо Стојменски„ во Виница г-дин Јордан Стојанов, наставниците г-ѓа Даниела Апостоловска и г-ѓа Александра Кундевска од ОУ „Братство – Миѓени „ во Тетово учествуваа на Меѓународната Конференција за интегрирано образование со наслов „ Интегрирано и меѓукултурно образование во Европа„. Конференцијата беше организирана од страна на Нансен Дијалог Центар Осиек и се одржа во градот Вуковар од 28 февруари до 1 март, 2015 год. Конференцијата е организирана со цел споделување на најдобрите практики и искуства во областа на интегрираното образование и учесниците на конференцијата ја имаа можноста да слушнат предавања и презентации од говорители кои доаѓаат од Велика Британија, Македонија, Германија, Норвешка, Турција, Израел, Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска.
На првиот работен ден на Конференцијата, извршниот директор на НДЦ Скопје г-дин Сашо Стојковски се обрати на групата и даде краток приказ на обемот на работа на НДЦ Скопје и активностите во Македонија и регионот, со посебен акцент на влијанието на Програмата за дијалог и помирување.
Менаџерот на Тренинг Центарот на НДЦ Скопје г-ѓа Биљана Крстеска – Папиќ одржа презентација за предностите, карактеристиките и резултатите на Нансен моделот за интегрирано образование со елаборирање на сите специфики на овој интегриран образовен модел развиен од страна на НДЦ Скопје.
Потоа, учесниците имаа можност да видат едно кратко видео, произведено од страна на НДЦ Скопје под наслов “Нансен модел – импресии, бенефиции и перспективи”, кој што содржи изјави и интервјуа со засегнатите страни и корисници на главните проекти.
По презентациите, учесниците се вклучија во панел дискусијата со претставниците на НДЦ Скопје.