На 27 октомври 2018 година, Нансен дијалог центар Скопје организираше меѓународна конференција на тема “Улогата и значењето на интеркултурализмот во образованието”. Конференцијата се состоеше од предавања на истакнати меѓународни експерти, кои се дел од меѓународниот тим обучувачи во рамки на Тренинг центарот. По официјалното отворање на конференцијата од страна на Биљана Крстеска-Папиќ, Паула Меклвејн од Советот за интегрирано образование на Северна Ирска ја презентираше програмата за непристрасен приод во интегрираните училишта, додека Стеинар Брин од Нансен центарот за мир и дијалог, Норвешка ги презентираше перцепциите поврзани за интеркултурното образование.

Конференцијата беше организирана како дел од програмата за основно ниво на обука за интеркултурно образование при Тренинг центарот на НДЦ Скопје.

Користејќи го долгогодишното искуство и знаење на меѓународните експерти од Северна Ирска и Норвешка, конференцијата имаше значајна улога во процесот на сензибилизирање на различни образовни профили за потребата и придобивките од интеркултурното образование како глобален тренд, тенденција и неопходност.

Настанот претставуваше одлична прилика за јавна промоција на Прирачникот за интеркултурно образование изготвен од страна на НДЦ Скопје. Сонај Билал, координатор за едукација, обука и развој при НДЦ Скопје ги претстави главните цели и намената на прирачникот.

Потребата и значењето на интеркултурното образование беше нагласено и од страна на Сашо Стојковски, извршен директор на НДЦ Скопје, Сафет Незири, државен советник при МОН и Ирена Спирковска, Мисија на ОБСЕ во Косово. Во текот на конференцијата НДЦ Скопје додели благодарница на Сафет Незири за посебен придонес и поддршка на Нансен моделот за интеркултурно образование.

На завршниот дел на конференцијата,  на 100 наставници од Македонија и Косово им се доделија сертификати за успешно завршено основно ниво на обука за интеркултурно образование.