Интегрирачки и современ. Нансен моделот за интеркултурно образование (НМИО) е развиен и практично применет во Северна Македонија за првпат во 2007 година. На неговото создавање се работеше две години, при самата реализација на проектите за дијалог и помирување во средините што беа зафатени со конфликтот во 2001 година.
Овој модел на образование ги зближува учениците, родителите и наставниците од различни етнички заедници преку современ воспитно-образовен процес. Тој ја поддржува и унапредува соработката меѓу нив, истовремено негувајќи ги културните и јазичните вредности. Досега моделот се применува во повеќе од триесетина основни и средни училишта во Северна Македонија и во регионот и покажува одлични резултати.
Овој модел придонесе во голем број училишта во државата, кои воспитно-образовниот процес го организираат во повеќе училишни објекти и смени, а врз основа на етничката и јазичната разлика, учениците кои учат на различни наставни јазици да одржуваат воннаставни активности заедно.
Овој вид на активности функционира така што се формираат тандеми наставници кои работат во исто училиште, но предаваат во паралелки на различен наставен јазик, на пример, македонски и албански. Надвор од редовните часови, тие ги соединуваат своите две одделенија во едно, преку воннаставни активности кои ги реализираат паралелно на двата јазика. Така и наставниците и учениците го запознаваат „другиот“ јазик, бидејќи е непосредно и спонтано присутен низ активностите. Покрај јазикот, учениците ја запознаваат и културата, традицијата, вредностите и другите карактеристики на повеќе етникуми во државата.
Моделот нуди тесна поврзаност помеѓу содржините од официјалните наставни програми и содржините од воннаставните активности од неформален карактер. Двојазичниот приод и тимската работа придонесуваат за поквалитетен воспитно-образовен процес и ги збогатуваат вештините и способностите на учениците кои ќе им бидат потребни во животот.
Ова позитивно влијае и врз наставниците и врз родителите кои придонесуваат за поквалитетен соживот во македонското мултиетничко општество.