Нансен дијалог центар Скопје со задоволсто ја објавува публикацијата од истражувањето „Мултикултурноста и интеркултурноста во учебниците од прво до петто одделение во основното образование во Република Македонија“. Изработката на документот се реализираше со финансиска поддршка од Министерството за Надворешни работи на Кралството Норвешка преку Нансен дијалог центар Скопје и Министерството за образование и наука на Република Македонија.

Истражувањето на учебниците кои се користат во наставата со ученици од прво до петто одделение во деветгодишното основно образование е спроведено со цел да се направи увид во застапеноста и начинот на претставување на културните обележја и интеракцијата меѓу различните етнички заедници кои живеат во Република Македонија, како и во присутноста на мултикултурни содржини кои се однесуваат на поширок, глобален контекст. Идентификуваните состојби овозможуваат да се согледа дали и колку учебниците ги сензибилизираат учениците од раната училишна возраст за различноста со која се опкружени и ги поттикнуваат на интеркултурен дијалог и соработка.  Добиените сознанија ќе даваат насоки за унапредување на квалитетот на учебниците од аспект на мултикултурноста и интеркултурноста, а со тоа ќе претставуваат придонес во градењето на интеркултурен воспитно – образовен амбиент во Република Македонија. Во истражувањето се користени комбинирани квалитативни и квантитативни методи и постапки, а резултатите се прикажани преку наративна дескрипција, табели и илустрации со примери.

Во тек е и анализата на учебниците од шесто до деветто одделение во деветгодишното основно образование. Извештајот од анализата и истражувањето на учебниците ќе биде изработен до крајот на месец септември 2017 година.

За да ја преземете и прочитате публикацијата „Мултикултурноста и интеркултурноста во учебниците од прво до петто одделение во основното образование во Република Македонија“, Ве молиме кликнете тука.