Во периодот од 28.5.2013 до 1.6.2013 година, на покана од Советот за Интергрирано Образование на Северна Ирска (NICIE) дел од тимот на НДЦ Скопје составен од Сашо Стојковски – извршен директор, Ветон Зеколи – проект менаџер, Сонај Билал и Аница Оносимоска – проект координатори како и членот на управниот одбор на НДЦ – Скопје Ингун Скурдал (Ingunn Skurdal) беа на посета на Северна Ирска.
Целта на посетата беше размена на позитивни искуства и практики на полето на интегрирано образование во Северна Ирска и Р. Македонија, како и унапредување на понатамошната соработка.
За време на престојот беше реализирана работна средба со извршниот директор на NICIE Норин Кемпбел (Noreen Campbell) како и целокупниот тим, коишто ја претставија мисијата и визијата на својата организација од каде што произлегоа и заеднички идни активности коишто ќе доведат до продлабочување на соработката меѓу НДЦ Скопје и NICIE.
НДЦ Скопје, достигнувањата на полето на интегрирано образование, развојниот пат на Нансен моделот за интегрирано образование како и активностите во рамките на Тренинг центарот имаше можност да ги изнесе преку едночасовна презентација во Queen’s Универзитетот во Белфаст. На презентациите присуствуваа релевантни гости меѓу кои и основачи и подржувачи на идејата за интегрирано образование во Северна Ирска, универзитетски професори, директори на интегрирани училишта, претставници на министерството за образование и медиумите.
Излагањата на претставниците од НДЦ предизвикаа голем интерес кај присутните што придонесе до поставување на голем број прашања и развој на конструктивна дискусија. За актуелната состојба на полето на интегрирано образование во Р. Македонија како и за заложбите на НДЦ Скопје, со свое видување, позитивни коментари и поддршка се приклучи и Клери Мекглин (Claire McGlynn), професорка во Queen’s Универзитетот во Белфаст.
Тимот на НДЦ Скопје имаше можност да посети три интегрирани училишта: интегрирано основно училиште Rowandale – последно вклучено во процесот на интеграција, Hazelwood интегрирано основно училиште – второ интегрирано училиште во С. Ирска и Crumlin интегрирано основно училиште – училиште кое е трансформирано од протестантско во интегрирано, непосредно се воочи процесот на интеграција во практика, организацијата на наставата како и предизвиците со кои се соочуваат самите училишта.
Заедничките допирни точки на НДЦ Скопје и NICIE ќе послужат како основа за понатамошна соработка и размена на искуства. Тимот на НДЦ Скопје од Северна Ирска се врати со големи импресии и нови идеи кои ќе бидат применети во понатамошното работење на НДЦ Скопје во сферата на интегрираното образование.
Голема благодарност до претставниците на NICIE за топлиот прием и што ни дадоа можност да се запознаеме подобро со нивната работа која е од големо значење за развојот на интегрираното образование во Северна Ирска како и во нашата земја.