(07-09.05.2010 и 18-20.06.2010) На наведените термини во Охрид се одржаа семинари со родителите на потенцијалните ученици-учесници на проектот Интегрирано двојазично средно училиште, како прва генерација.
Целта на овој семинар беше за прв пат да се сретнат сите родители (Македонци и Албанци) кои дадоа подршка и се дел од проектот, како и преку дијалог отворено да се дискутира за сите проблеми со кои се соочуваат родителите, а се тесно поврзани со имплементација на проектот.
Еден од деновите беше резервиран за предавањата на проф.Стајнер Брин на тема „Дијалогот – алатка за ненасилно разрешување на конфликти“ и неговата примена во секојдневното живеење, а предавањата беа поткрепени со позитивни примери на употреба на дијалогот во регионот.
Напоменувајќи дека овој концепт на образование е модел и решение за успешно функционирање на образовниот систем на Р.Македонија (особено во мултиетнички средини), проф. Брин ја искажа и личната подршка за почетокот на првата генерација на ученици во средното интегрирано двојазично училиште.
Вториот ден беше посветен за презентацијата за формалната настава на средното училиште Моша Пијаде (за електротехничка струка – компјутерска техника и автоматика) од страна на двајца помошници – директори.
Преку презентацијата на Аница Оносимоска и Теута Рамадани (претставници на тимот за ЕОР при НДЦ-Скопје) присутните родители подетално се запознаа со програмата за неформална настава – воннаставните активности како и програмата за соработка со родителите.
Семинарите се реализирани во пријатна работна атмосфера и опкружување.