На ден 03.10.2010 година во Струмица, извршниот директор на НДЦ Скопје г-дин Сашо Стојковски и г-дин Зоран Заев – градоначалник на Струмица потпишаа “Договор за соработка“ во проектот “Интегрирано двојазично основно училиште“, проект кој ќе се реализира во наредните три години во општинското основно училиште “Маршал Тито“ во Струмица.
Во проектот се вклучени два класа, односно 33 ученици (македонци и турци) запишани во прво одделение во оваа учебна година, нивните родители и наставниците од редовната и неформалната настава.
Со ова Македонија го доби своето второ основно интегрирано и двојазично училиште во кое за првпат интегрираната настава ќе се изведува двојазично на македонски и турски јазик. Проектот финансиски е поддржан од општина Струмица и од Министерството за Надворешни работи на Кралството Норвешка – преку Нансен Дијалог Центар Скопје.
На свеченото отварање на проектот присуствуваа г-дин Абдулаким Адеми – заменик претседател на владата на РМ, г-дин Никола Тодоров- Министер за образование и наука, г-дин Баскар Херман – претставник на Норвешката амбасада во Македонија, г-дин Стеинар Брин – директор на Нансен мрежата на Балканот, родителите на учениците, претставници на општина Струмица и НДЦ Скопје, како и дел од професорите од Интегрираното средно училиште во општина Јегуновце.
Ова училиште е најстарото училиште во Струмица и постои од 1925 година, од секогаш било мултиетничко и во него “Кога се сака и умее, верските и јазичните бариери не постојат, а кога се вложува во образованието на децата, резултат е секогаш позитивен” – изјави г-ѓа Снежана Колева – директор на ООУ Маршал Тито во Струмица.
По обраќањето на директорката од страна на учениците следуваше изведба на кратка приредба која ги воодушеви присутните.
Започнувањето на проектот ме прави посебно среќен и голем оптимист дека проектот во оваа училиште ќе успее поради следните специфични работи: Проектите за интегрирано и двојазично образование што НДЦ Скопје веќе три години ги реализира во општина Јегуновце беа препознаени од управата на оваа училиште и од општина Струмица, па од тука дојде и иницијативата за започнување на овој проект во ова училиште; реализацијата на овој проект финансиски ќе биде поддржана од општина Струмица и како посебно важно е мотивираноста, желбата и возбудата кај персоналот на училиштето и родителите на учениците кои едвај чекаа да дојде денот на започнувањето на овој проект. Почитувани наставници, иако станува збор за проект, ваквите проекти се нешто ново во Македонија и од големо значење за НДЦ Скопје, училиштето, општина Струмица и Македонија – изјави Сашо Стојковски во своето обраќање.
“Зарем е важно што едни зборуваат вака, а други онака. Зарем е важно што едни слават Божиќ и Велигден, а други Курбан и Рамазан Бајрам. Зарем е важно што едните се викаат Стефан, Надица, Зоран, Љубица, Илија или Елена, а другите Јонус, Орхан, Ѓулџан, Алисе, Џелал или Умут. Нивниот заеднички именител е “деца“ или “ученици“ кои преку овој проект ќе покажат и докажат дека различностите се привлекуваат. Убеден сум дека Општинското основно училиште “Маршал Тито“ ќе биде добар пример и за другите слични училишта во Македонија, а општина Струмица ќе биде горда што во проектот на “Нансен дијалог центар“ препознала позитивна енергија која ги дава посакуваните бенефити. Со надеж дека овој прв чекор ќе биде вовед во одење на долги патеки, посакувам учениците и нивните родители, на крајот искрено да кажат за овој проект, ем дека е “многу добар“, ем дека е “чок ѓузељ“ – рече градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев.
“”За да функционира Струмица како мултиетничка општина, за да функционира Македонија како мултиетничка земја, за да функционира цела Европа како мултиетничко општество, потребен ни е мултиетнички дијалог, а овој проект го нуди токму тоа.”. Фридтјоф Нансен – добитник на Нобелова награда за мир, имаше идеја да стигне до Северниот пол со нордиско скијање. Сите му велеа, тоа е невозможно! Но неговиот одговор беше:Ништо не е невозможно, за невозможното е потребно само малку повеќе време! Ова е моја прва посета на Струмица и преку оваа посета, Европа стана поголема и пореална за мене. Европа не е концепт, Еворопа не е идеја, Европа е место каде што сите живееме заедно и каде што сите може да учиме еден од друг. – изјави Стеинар Брин, директор на Нансен мрежата на Балканот.
Училиштето, вработените и родителите, овде во Струмица може да претставуваат симбол за тоа што може да се постигне ако сфатиме дека етничките групи треба да работат заедно со цел да имаме подобра иднина за нас. Сите вие давате добар пример за други мултиетнички општини, преку поддршката што ја давате на овој проект за неговото продолжување и оддржливост. Како што веќе знаете, Норвешка веќе поддржува едно интегрирано основно училиште во Македонија и Норвешка е многу задоволна од работата на Нансен дијалог центарот и се надеваме дека и овде тие ќе имаат успех, изјави г-дин Баскар Херман претставник на Норвешката амбасада во Македонија.
Министерот за образование, Никола Тодоров, исто така ја посочи важноста на овој проект и неговите достигнувања “Уверен сум дека реализацијата на овој проект, чијшто цели се надминувањето на стереотипите и бариерите кај децата поврзани со нивното етничко и културно потекло, продлабочување на конструктивни соработнички односи помеѓу децата од различни етнички заедници како и толерантен однос кон различностите од социјален, етнички и клутурен карактер, ќе биде солидна основа за успешна имплементација на стратегијата за интегрирано образование, усвоена од Владата на Република Македонија.”
“Овој концепт на интегрирано образование ние силно го поддржуваме и тој концепт не треба никого да исклучува, туку напротив да обединува и кој ќе овозможи да добиеме повисоко ниво на интегрирано општество. Тоа е и еден од клучните предуслови за градење на успешна мултикултурна и функционална демократија во Република Македонија“ – истакна министерот Никола Тодоров.
Со задоволство ја прифатив поканата за промоција на вториот успешен проект за итегрирано двојазично основно училиште во Македонија, проект во кој директно сум бил вклучен во во општина Јегуновце и искуството покажува дека употребата на дијалогот, вклучувањето на родителите, наставниците и локалната власт се многу важни компоненти за успешна реализација на проектот. Неодамна Владата на Република Македонија ја усвои стратегијата за интегрирано образование, во која главната цел е преку пет компоненти да се даде придонес во заедничкото учење на учениците од разлицни етнички заедници, да имаат заеднички наставни и воннаставни активности, вклучување на сите образовни институции со цел да имаме интегрирано образование кое ќе ги елиминира предрасудите кои се креираат во образованието, подобра интеграција и кохезија во Република Македонија, истакна Заменик претседателот на Владата на РМ – Г-дин Абдулаким Адеми.
На крај од свечената церемонија, присутните гости ја посетија ново опремената училиница во училиштето каде ќе се реалзира проектот за интегрирана и двојазична настава. НДЦ Скопје и општина Струмица веруваат дека проектот ќе биде успешен пример во овој дел на Македонија и бројот на ученици кои ќе учествуваат во овој проект ќе биде се поголем во наредните неколку години.