Општо за проектот

Во согласност со потпишаниот „Меморандум за соработка помеѓу Нансен дијалог центар Скопје (03-178) и Министерството за образование и наука на Република Македонија“ (08-10904), решението на министерот за образование со бр. 12/457 и акцискиот план од „Концепцијата за интеркултурно образование“, на ден 10.12.2017 година Нансен дијалог центар Скопје во соработка со Министерството за образование и наука објавува повик за избор на нови 3 (три) основни и/или средни модел – училишта во кои ќе се примени „Концепцијата за интеркултурно образование“.

Веб-страници за „Концепцијата за интеркултурно образование“:
Министерство за образование и наука: http://mon.gov.mk/images/Koncepcija-mk.pdf
Нансен дијалог центар Скопје: на следниов линк (на македонски и албански).
Проектот финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка и Министерството за образование и наука на Република Македонија.

Цел на проектот

Целта на проектот е практична примена на „Концепцијата за интеркултурно образование“ во избраните модел-училишта, конкретно, спроведување на тематските групи под број 2, 3, 4 и 5:

  1. Компетенции за интеркултурно образование на воспитно-образовниот кадар;
  2. Воннаставни активности;
  3. Амбиентот во воспитно-образовните институции;
  4. Односите на воспитно-образовните институции со пошироката заедница.

2. Компетенции за интеркултурно образование на воспитно-образовниот кадар;

Дел од активностите од оваа тематска група од „Концепцијата за интеркултурно образование“ се однесуваат на подобрување на компетенциите и вештините на наставниците, стручните служби, директорите и помошниците-директори на училишта кои во иднина ќе работат на полето на интегрираното и интеркултурното образование.

За секое модел-училиште ќе бидат обезбедени и организирани вакви обуки од страна на НДЦ Скопје и МОН. Обуките ќе ги организира Нансен тренинг центарот во Скопје според посебна  програма која ќе ја реализираат предавачи од Македонија и странство.

Обуките се поделени на две нивоа, основно и напредно ниво, со времетраење од 80 часови (основно ниво – теорија и практика) и 60 часови (напредно ниво – теорија и практика).

Во планирањето на овие обуки од страна на поднесувачот/апликантот (во табелите под број 3.1 од апликацијата) пожелно е да се внимава на етничкиот баланс на наставниците и одделенијата/класовите кои ќе бидат вклучени во обуките и активностите. Доколку има етнички баланс на наставниците, полесно ќе биде оформувањето на наставничките тандеми кои ќе ги реализираат интеркултурните активности. Доколку има голем етнички дисбаланс во училиштето (во наставници и ученици), НДЦ Скопје и училиштето дополнително ќе се обидат да најдат начин за вклучување на преостанатите наставници и одделенија во активностите од проектот.

Термините за реализирање на овие обуки ќе се утврдуваат во договор со управата на избраните модел-училишта.

Трошоците за обуката на наставниците (превоз, храна, предавачи, работни материјали и дидактички пакети) целосно се покриени од страна на НДЦ Скопје и МОН.

Повеќе информации за тренинг-центарот и обуките можете да најдете на http://www.tcnmie.org

3. Воннаставни интеркултрни активности

Овие активности кои се предвидени да се реализираат во модел-училиштата, наставниците ги реализираат преку неформални активности:

  • интеркултурни (воннаставни) активности кои се одржуваат најмалку еднаш неделно.

Овие активности треба да се планираат во согласност со распоредот на часови на учениците и просторните услови со кои располага училиштето, табелa 3.2.

Активностите ќе ги реализираат наставници – реализатори кои успешно ќе го завршат основното ниво на обука. Интеркултурните активности ќе се реализираат според годишни програми изработени од страна на НДЦ Скопје започнувајќи од септември во учебната 2018/19 година.

За време на примената на овие активности наставниците ќе добиваат поддршка од посебен тим којшто воедно ќе ги опсервира активностите според веќе изработен протокол за планирање, спроведување и вреднување на активностите.

Интеркултурните активности со учениците наставниците ги реализираат волонтерски, без финансиски надомест од страна на НДЦ Скопје или МОН.

Во периодот од три учебни 2018/19, 2019/20 и 2020/21 години во проектот пожелно е да бидат вклучени минимум 60% од вкупниот број на одделенија од модел училиштето.

Повеќе информации за интеркултирните активности можете да најдете на: http://www.nmie.org

4. Амбиентот во воспитно-образовните институции

Училиштата ќе бидат поддржани за делумно реновирање и опремување на дел од училниците каде ќе се имплементираат интеркултурните активности, во согласност со планот за примена на овие активности изготвен од страна на апликантот (училиштето).

Опремата која ќе биде доставена на училиштата ќе може да се користи и за редовната настава.

5. Односите на воспитно-образовните институции со пошироката заедница

Наставниците – реализатори ќе имаат обврска да ги спроведат активностите наменети за родителите на учениците кои се вклучени во проектот според веќе изработена програма за родители и планот на активности кој е дел од поднесокот/апликацијата. Училиштата ќе добијат поддршка во промовирање на училиштето и поттикнување за поголемо присуство на локалната бизнис заедница во училиштата.

Кој може да аплицира?

Повикот е отворен за основни и средни училишта од Република Македонија во кои наставата се изведува на два или повеќе наставни јазика. Критериумите за селекција на училиштата според кои ќе се оценуваат апликациите се податоците од „Планот за имплементација“ кој е составен дел на апликацијата:

  • процент на вклучени наставници во проектот;
  • процент на вклучени одделенија/класови во проектот;
  • процент на вклучени родители во проектот;
  • етнички баланс (застапеност) во училиштето;
  • претходно позитивно искуство со проекти;
  • финансиска партиципација на општината (доколку постои можност);
  • дали училиштето има стратегиски план (не е задолжително).

Начин на аплицирање

Апликацијата (формуларот за аплицирање) можете да го преземете на следните линкови:

на македонски јазик: https://www.dropbox.com/s/sp1aupn5ga07agv/Aplikacija%20model%20uciliste%20MK.doc?dl=1
на албански јазик: https://www.dropbox.com/s/j34qwkpk8zilsm7/Aplikacija%20model%20uciliste%20AL.doc?dl=1
на турски јазик: https://www.dropbox.com/s/hjbvigsag8zdexz/Aplikacija%20model%20uciliste%20TR.doc?dl=1
(инфо на турски јазик тука)

Пополнетата и скенирана апликација испратете ја на:  contact@ndc.net.mk

Оригиналната апликација (во печатена верзија) испратете ја на следната адреса:

Нансен дијалог центар Скопје
Ул. „Бахар Моис“ бр. 4, 1000 Скопје
Република Македонија

Рок за поднесување на апликациите

Краен рок за доставување на апликациите по електронски пат (е-порака) е до 29 декември 2017 година најдоцна до 16.00 часот. Пополнетата апликација отпечатена (оригиналот) испратете ја по пошта најдоцна до 05 јануари, 2018 година.

Временска рамка за имплементација на проектот

Првата фаза од проектот е објавување отворен повик и селекција на училиштата (до 15 јануари 2018 година).
Втората фаза е спроведување на истражувања во избраните училишта (февруари 2018).
Третата фаза е ревидирање и прифаќање на планот на активности од апликацијата на училиштата и потпишување договори со училиштата (март 2018).
Започнување на процесот за обуки за наставниците (април 2018)
Започнување со практично спроведување на „Концепцијата за интеркултурно образование“ според крајниот план на активности доставен од училиштето (септември 2018)

Финансиска партиципација

Училиштата се ослободени од финансиска партиципација за учество во овој проект.

НДЦ Скопје со управата на училиштата ќе направи напори да се обезбеди финансиска партиципација од страна на општините во кои се наоѓаат избраните училишта, доколку постои можност. Министерството за надворешни работи на Норвешка и Министерството за образование и наука на Република Македонија ги обезбедуваат потребните финансиски средства за овој проект.

За дополнителни информации по однос на проектот обратете се на следната е-адреса: contact@ndc.net.mk

Нансен дијалог центар Скопје и Министерство за образование и наука на РМ.