На 14 октомври 2011 год. свечено беше означен почетокот на проектот “Нансен модел за интегрирано образование” во рамките ОУ “Гоце Делчев”, Нова Маала, Општина Василево. На присутните им се обратија Гордана Јанева- директорка на училиштето, Сашо Стојковски- извршен директор на НДЦ Скопје, Ванчо Стојанов- градоначалник на општина Василево и Панче Кралев- Министер за образование и наука. По повод означувањето на почетокот на проектот, учениците приредија кратка културно уметничка програма. На настанот беа присутни Хади Незир-Министер без ресор при Влада на Р. Македонија, Бурак Гуркан- трет секретар при Амбасадата на Р. Турција во Р. Македонија, Јакуп Арслан-генерален директор на турските колеџи во Р. Македонија, училишната управа и колективот на наставници при ОУ “Гоце Делчев”, претставници од месната заедница при Висока Маала, тимовите на наставници и професори од интегрираните училишта во општина Јегуновце и општина Струмица како и голем број на родители и ученици од општина Василево.
Присутните ја поздравија иницијативата и изразија задоволство за започнувањето на проектот кој досега има покажано исклучителни резултати во општините каде што се имплементира.
“Мултиетичноста на Македонија има свој одраз и во процесот на образованието, од тука и примената на овој модел во уште шест основни училишта во државата, даде вистински резултати во надминувањето на разликите и бариерите меѓу две етнички заедници. Со овој проект кој се применува во мешаните паралелки од шесто до деветто одделение преку взаемна соработка на родителите, наставниците и учениците, разликите во традициите, верите и културите, стануваат фактор на зближување“ – изјави меѓу другото министерот за образование и наука Панче Кралев.
Проектот Нансен модел за интегрирано образование ќе се имплементира во партнерска соработка со општина Василево, во Подрачното училиште “Гоце Делчев“ во Нова Маала каде што освен редовната настава ќе се изведуваат и интегрирани воннаставни активности за учениците од шесто одделение од македонска и турска националност.
За градоначалникот на општина Василево, Ванчо Стојанов, овој проект претставува убав начин за запознавање и зближување на граѓаните од Општина Василево, во која околу 18 % од жителите се Турци.