Професор Стајнер Брин, основач на Нансен дијалог мрежата на Балканот, направи осврт на улогата на Тренинг центарот при НДЦ Скопје во услови на пандемија, како и неопходноста и спремноста за промена и прилагодување.

Сè уште е рано да се знае кои промени се привремени, а кои се посуштински поради ширењето на вирусот Корона. Она што е сигурно е дека мора да ја подобриме нашата способност да се справиме со неочекуваното. Како што еднаш рече еден познат политичар, постојат три работи. Прво, постојат работи што ги знаеме, второ, постојат работи што знаеме дека не ги знаеме и трето, постојат работи што не знаеме дека не ги знаеме. Ние сите бевме изненадени. Вирусот нè принуди да ги преиспитаме нашите најосновни концепти за работа, здравје, патувања, социјални собири и комуникација меѓу луѓето. Посебен предизвик за наставниците и учениците е дека ова исто така влијае на начинот на размислување за учењето и образованието. Дури и најосновното заедништво, училницата претрпува промени.

Нансен Дијалог е фокусиран на рушење на стереотипите и имиџите на непријателство. Главната стратегија е градење мостови за да ги зближи учениците од различни линии на културна поделба. Јас работам во Академијата Нансен во Лилехамер, Норвешка. Во текот на последните 25 години повеќе од 3000 луѓе од поранешна Југославија живееја и комуницираа во овој прилично далечен агол на Европа. Преку директни средби лице в лице тие сфатија дека човечките суштества се многу повеќе од само нивниот етнички идентитет.

Посебноста на овие собири беше што учесниците открија други аспекти од меѓусебните карактери. Иако тие дојдоа како Срби, Албанци, Македонци, Хрвати, Босанци и сл., и иако дојдоа со прилично фиксни наративи за тоа што го предизвика распадот на Југославија, самата средба со другите ги прошири нивните хоризонти и покажа дека луѓето имаат повеќе идентитети. Луѓето може да имаат вистински конфликт како Македонци и Албанци, но и заеднички интереси како адвокати, наставници, родители и танчери. Преку градење доверба и почит во другите арени во животот стана полесно да се зборува за самите конфликти и да се слушаат приказните на едни со други.

Ковид-19, преку ограничувања на движење и човечки собири, повторно ја зголеми поделбата меѓу луѓето. Работата на Нансен дијалог исто така претрпе бидејќи се откажаа големи собири на студенти. Кога мора да изберете некого за да комуницирате, вие избирате свои луѓе. Границите се затворени, странците се потенцијални носители на инфекции и комуникацијата се забавува на сите страни.

Клише е, но понекогаш и вистина, дека кога една врата се затвара може да се отвори една друга врата. НДЦ Скопје наиде на големи предизвици како да се продолжи со воспитно-образовната работа во Северна Македонија. Овие предизвици беа исполнети со силен дигитален одговор. Ние сме добри во укажувањето на ограничувањата на дигиталните состаноци, но под сегашни околности тоа е најдобрата опција што ја имаме. Имам одржано повеќе предавања преку Zoom и на почетокот тоа беше многу чудно. Но, имаше и очигледни предности. На семинарите преку Zoom учествуваат луѓе кои не можат да патуваат. На семинарите на Нансен Дијалог Центар би можеле да имаме луѓе кои се среќаваат од различни земји по многу ниски трошоци. На завршниот настан на обуката за наставници одржав предавање на тема „Предизвици на меѓукултурното образование“, предавање што претходно би го одржал во конференциска сала во Скопје.

Научив нешто важно. Јас искусив дека многу луѓе можат да го почувствуваат хотелот како свечено место и не е толку лесно да се одржи говор пред 100 колеги наставници. Кога седат во нивното познато опкружување, некои од наставниците се чувствуваат послободно да ги споделат своите мали приказни. Дигиталниот состанок не ги оддалечи, всушност се случи спротивното, повеќе луѓе се чувствуваа слободни да зборуваат. Исто така, одржав предавање на Zoom на студенти од  Педагошкиот факултет Св.Климент Охридски, Скопје. Таму почувствував повеќе замор од Zoom и потреба за физички состанок.

Целосните последици од Ковид-19 сè уште не ни се познати, но треба да бидеме креативни во одговорот за да продолжиме со промовирање на Нансен моделот за интеркултурно образование. Психијатарот Виктор Франкл ги доживеал најбруталните настани за време на Втората светска војна, но суштината на неговата животна мудрост била во тоа што човекот, соочен од предизвик, треба секогаш да се потруди да го извлече најдоброто од дадената ситуација. Тоа е токму она што чувствувам дека НДЦ Скопје успеа да го стори со нивната образовна работа за време на Ковид-19.

Но сепак, Нансен Дијалог мора да продолжи да го промовира дијалогот лице в лице како крајниот поволен начин на комуникација. Предавањето преку Zoom е планирано предавање. Директното градење на односи меѓу луѓето што се применуваше во Нансен академијата понекогаш може да произведе нови мисли и размислувања, и може да роди изненадувачки идеи. На Zoom состанокот честопати може да кажете сè што сакате да кажете, но тоа е воедно и сè што имате можност да го искажете. Кога ќе го напуштите состанокот, ќе го напуштите и разговорот. На физички состанок нема  потреба да заминувате и има време за неизреченото и за неразмисленото да се развие во текот на разговорот кој се одвива на неформален начин.