На 12 август 2014 г. во просториите на Општина Гостивар се потпиша договор за соработка меѓу Нансен дијалог центар Скопје и Општина Гостивар со цел отпочнување на проектот Нансен модел за интегрирано образование во ЦОУ „Гоце Делчев“. Договорот беше потпишан од страна на градоначалникот на Општина Гостивар, Невзат Бејта, и извршниот директор на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски.

Во проектот ќе бидат вклучени ученици, наставници и родители од македонската и албанската етничка заедница, а негова цел е зголемување на степенот на интеграција преку интегрирани воннаставни активности за ученици, програма за обука на наставници и директори, како и програма за соработка со родителите.

Нансен дијалог центар Скопје обезбеди стипендии за обучување на  наставниот кадар кој ќе биде одговорен за непосредната реализација на интегрираните воннаставни активности според годишните програми изготвени од страна на НДЦ Скопје, и воедно ќе обезбеди стручно-консултативна поддршка на училишната управа и наставниот кадар при имплементацијата на зацртаните програмски активности во состав на проектот.

На 22 мај 2014 г. НДЦ Скопје организираше презентација на Нансен моделот за интегрирано образование пред родителите на учениците од второ одделение од македонската и албанската настава во рамките на ЦОУ „Гоце Делчев“ во Гостивар. Родителите изразија голем интерес и поддршка за проектот и ги дадоа потребните согласности за учество на нивните деца во интегрираните воннаставни активности кои се дел од Нансен моделот за интегрирано образование.

Реализацијата на подготвителните активности за отпочнување на проектот ќе започне во септември 2014 г., а официјалното започнување на проектот се очекува во октомври 2014 г.