На 9 јули 2013 год. во просториите на Општина Виница се потпиша договор за соработка меѓу Нансен дијалог центар Скопје и Општина Виница со цел отпочнување на проектот Нансен модел за интегрирано образование во ОУ „Славчо Стојменски“. Договорот беше потпишан од страна на градоначалникот на Општина Виница, Емил Дончев, и извршниот директор на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски.

Во проектот ќе бидат вклучени ученици, наставници и родители од македонската и турската етничка заедница, а негова цел е зголемување на степенот на интеграција преку интегрирани воннаставни активности за ученици, обука за наставници и програма за соработка со родителите.

„Проектот ќе придонесе во насока на подобрување на образованието во Општина Виница, поточно во мултиетничкото училиште „Славчо Стојменски“, со цел децата да се запознаат меѓусебно, и во текот на нивното образование да настапуваат заедно при изведување на предвидените проектни активности“, истакна во оваа пригода градоначалникот на Општина Виница, Емил Дончев.

Општина Виница изрази подготвеност да обезбеди услови и поддршка за отпочнување на проектот Нансен во соработка со НДЦ Скопје. Нансен дијалог центар Скопје ќе стипендира обучување за дел од наставниот кадар кој ќе биде одговорен за непосредната реализација на интегрираните воннаставни активности според годишните програми, изготвени од страна на НДЦ Скопје, и воедно ќе обезбеди стручно-консултативна поддршка на училишната управа и наставниот кадар при имплементацијата на зацртаните програмски активности во состав на проектот.

„Ја надминуваме јазичната бариера преку неформалните акивности, ја подобруваме комуникацијата, соработката меѓу учениците, наставниците и родителите на учениците, при што се создаваат услови за растење и учење заедно едни со други, а не едни покрај други“, нагласи извршниот директор на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски.

Реализацијата на подготвителните активности за отпочнување на проектот ќе започне во втората половина на август 2013 год., а официјалното започнување на проектот се очекува во октомври 2013 год.