На 11 септември 2015 година, во просториите на ЕУ Инфо Центарот во Скопје, Нансен Дијалог Центар Скопје организираше предавање со меѓународниот експерт и обучувач г-ѓа Паула Меклвејн од Фондот за интегрирано образование на Северна Ирска.

Предавањето беше организирано како дел од основното ниво на обука за интегрирано образование, наменето за учесниците од групите 8, 9 и 11.

Тема на предавањето беше ,,Развој на непристрасен пристап до интегрирано образование”.

На предавањето беа прикажани повеќе примери од движењата за интегрирано образование во Северна Ирска и САД и истите беа проследени со голем интерес од страна на учесниците кои потоа зедоа активно учество во дискусиите.

По формалниот дел од предавањето, на учесниците од групите 6, 7, 8, 9 и 11, кои успешно го завршија основното ниво на обука за интегрирано образование, им беа доделени сертификати за успешно комплетирана обука.

На учесниците им се обрати советникот на министерот за образование и задолжен за средното образование во Република Македонија, г-дин Сафет Незири, извршниот директор на НДЦ Скопје, г-дин Сашо Стојковски, претставникот на Фондот за интегрирано образование и меѓународен експерт и предавач г-ѓа Паула Меклвејн и менаџерот на Тренинг центарот при НДЦ Скопје, г-ѓа Билјана Крстеска Папиќ.

Учесниците кои успешно го завршија основно ниво на обука за интегрирано образование ќе можат да се пријават за напредното ниво на обука за интегрирано образование кое е планирано да започне во текот на есента 2015 година.