На 28 септември 2012 година, тимот на НДЦ Скопје организираше презентација на проектот “Нансен модел за интегрирано образование” за родителите на учениците во основното училиште “Страшо Пинџур”, општина Карбинци. Оваа презентација е прва активност во рамките на училиштето по потпишувањето на договорот за соработка помеѓу НДЦ Скопје и општина Карбинци и претставува почетен чекор за започнување на имплементација на Нансен моделот за интегрирано образование во училиштето. Проектот ќе ги вклучи наставниците, родителите и учениците од македонската и турската етничка заедница, со цел зголемување на соработката и интеграцијата меѓу различните етнички заедници.

Во текот на презентацијата родителите имаа можност да слушнат за обележјата и придобивките на овој модел на образование и се согласија околу учеството на нивните деца во интегрираните воннаставни активности кои се дел од проектот.

Договорот за соработка помеѓу Нансен Дијалог Центар Скопје и општина Карбинци беше потпишан на 2о септември, 2012 година, по што започнаа подготовките за имплементација на Нансен моделот за интегрирано образование.Наставниците кои ќе бидат директни реализатори на интегрираните воннаставни активности се во процес на завршување на основниот циклус обуки за интегрирано образование во рамките на Тренинг Центарот при НДЦ Скопје, каде што ќе се стекнат со потребните знаења и вештини за успешно спроведување на годишните програми за интегрирани воннаставни активности подготвени од страна на тимот за едукација при НДЦ Скопје.