Навремена и сеопфатна. Вака може да се опише Програмата за дијалог и помирување која одигра клучна улога во враќањето на довербата и соживотот меѓу македонската и албанската етничка заедница во Општина Јегуновце – средина која беше зафатена со конфликтот во 2001 година.

Нансен дијалог центарот од Скопје (НДЦ) ја започна Програмата во 2005 година кога поделеноста стана сè поизразена, а основното училиште во населеното место Шемшово се дели на два објекти за двете етнички заедници.

Тимот на НДЦ тргна во мисија на „двата поделени света“ да им овозможи да си ја вратат изгубената меѓусебна доверба особено кај младите кои треба да градат заедничка иднина.

Претставници на НДЦ одржаа средби со локалните жители, вработените во училиштата, како и со локалната самоуправа. Успеаја да формираат работна група која одржа неколку семинари во Струга и Охрид на кои, меѓу другото, најмногу се дискутираше за проблемите со кои се соочуваат жителите на општината при секојдневното живеење. Жителите дојдоа до констатација дека, без разлика на припадноста, проблемите се исти – немање водовод и канализација, неразвиена патна инфраструктура, лоши услови во училиштата и сл.

НДЦ обезбеди средства за да се подобрат условите најпрво во училиштата. Се инвестираше во повеќето од нив во сите населени места од Општина Јегуновце и тоа онаму каде што беше најпотребно – во некои се санираа санитарните јазли, во други училниците, во трети дворовите и игралиштата.

Се отворија курсеви по англиски јазик и по информатика, а групите ученици кои ги следеа предавањата за прв пат се од мешан етнички состав. Интересот за посета на овие курсеви за кратко време се зголеми па кабинети по англиски и информатика се отворија речиси во сите училишта. Покрај учениците, ова ги зближи и родителите кои се здружија во Клуб на родители и Клуб за медијација.

НДЦ обезбеди и средства за изградбта на нов водовод во Општина Јегуновце. Многу домашни и странски делегации доаѓаа во посета на општината за одблизу да се запознаат со процесот на решавање на локалните проблеми.

Негативната слика за меѓуетничките односи во општината комплетно се мени. Ваквиот позитивен тек на настаните создаде добра клима за отворање на првите интегрирани двојазични училишта во Северна Македонија кои во 2008 и 2010 година се отворија во селото Прељубиште.

Ова не ќе беше возможно без поддршката од главениот донатор – министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.