На 6 ноември, 2015 г., НДЦ Скопје во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија го одбележа официјалното отворање на два нови кабинети за реализација на практични часови во ОСТУ ,,Гостивар” во општина Гостивар. Реновирањето и опремувањето на кабинетите за физика и козметика е реализирано преку Компонента 1 од проектот ,,Мултиетнички концепт во образованието” – заеднички проект имплементиран од страна на Министерството за образование и наука на Република Македонија во соработка со Нансен Дијалог Центар Скопје. Проектот е финансиски поддржан од норвешкото Министерство за надворешни работи. Кабинетите беа официјално промовирани од министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и извршниот директор на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски. Кабинетите се опремени со најсовремена опрема за реализација на практични часови и ќе придонесат за подобрување на квалитетот на образованието во средното стручно училиште.

По промоцијата на кабинетите, министерот за образование и наука заедно со претставниците на НДЦ Скопје го посетија основното училиште ,,Гоце Делчев” во Гостивар со цел да го промовираат вклучувањето на 6 нови групи на ученици во Нансен моделот за интегрирано образование. Министерот зборуваше со наставниците кои се одговорни за практичната имплементација на Нансен моделот за интегрирано образование и ги посетија реновираните и опремени училници кои ќе се користат за реализација на Нансен проектот.