На 22 јуни 2015 год. НДЦ Скопје беше домаќин на првиот состанок на работната група за Компонента 3 од проектот ,,Мултиетнички концепт во образованието” – заеднички проект имплементиран во партнерство со Министерството за образование и наука и финансиски поддржан од страна на норвешкото Министерство за надворешни работи.

Работната група за Компонента 3 ја сочинуваат следните членови: г. Сафет Незири – советник на министерот за образование и наука, г. Сашо Стојковски – извршен директор на НДЦ Скопје, г. Зоран Велковски – професор на Институтот за педагогија, Филозофски факултет, г. Мите Стефаноски – претставник на Бирото за развој на образованието, г. Јашар Касами – претставник на Државниот просветен инспекторат, г-ѓа Елизабета Томевска-Илиевска – професор на Институтот за педагогија, Филозофски факултет, г-ѓа Елена Ризова – професор на Институтот за педагогија, Филозофски факултет, г. Емре Аксакал – претставник на Yahya Kemal College, г-ѓа Билјана Крстеска-Папиќ – менаџер на Тренинг центарот при НДЦ Скопје, г-ѓа Сонај Билал – координатор за образование во НДЦ Скопје. Оваа компонента на проектот има за цел да развие ,,Концепција за интеркултурно образование” со стремеж кон развивање на конкретни препораки и специфичен сет на активности кои би биле имплементирани на национално ниво, а со намера да овозможи и поддржи процес на развој и имплементација на интеркултурно образование на макро и микро ниво. За време на првиот состанок, работната група разговараше за развојниот план на Концепцијата, методологијата на истражување, како и за потребните ресурси и временската рамка. Во план е реализација на конкретен сет на активности во текот на летниот период вклучувајќи ги подготвителните фази по кои ќе следи специфичен план за истражување во текот на есента 2015 год.