Во периодот од 11-20 декември 2012 година беа реализирани едукативни работилници и консултации со дел од родителите на учениците вклучени во проектот Нансен модел за интегрирано образование како дел од годишната програма за соработка со родители подготвена од тимот за едукација при НДЦ Скопје.
На 11 декември беше одржана првата едукативна работилница “Казна и награда“ со родителите од ОУ “Шемшово“ – Прељубиште. Едукативната работилница се реализираше во форма на дискусија со родителите во однос на проблемите со кои се соочуваат со нивните деца и можните награди и казни кои би можеле да ги применат за успешно воспитување на децата.
На 17 декември се одржа едукативна работилница “Казна и награда“ со родителите од ССОУ “Моша Пијаде“ – Прељубиште. На оваа работилница присуствуваа родителите од македонските и албанските паралелки. Се зборуваше за примената на казната и наградата и позитивните и негативни ефекти од нивна примена. Со помош на бура на идеи се разработија поимите казна и награда по што следуваше презентација со теоретски осврт на темата и дискусија со родителите по однос на нивните проблеми и ставови во однос на наградата и казната.
На 20 декември беше одржана истоимената работилница “Казна и награда“ со родителите од ОУ “Маршал Тито“ од Струмица. На работилницата присуствуваа родителите од паралелките на македонски и турски јазик. Беше реализирана презентација за теоретскиот дел од темата и во текот на презентацијата се водеше дискусија за темата и проблемите со кои се соочуваат а се поврзани со темата. На крајот им беа поделени и анкетни листови за теми кои би сакале да се обработуваат на едукативните работилници како и за посетување на курс по турски јазик.