На 31 август 2013 година НДЦ Скопје организираше настан во чест на првата генерација ученици од првото интегрирано ОУ „Фридтјоф Нансен“ (при ЦОУ Шемшово) во с. Прељубиште, Општина Јегуновце. НДЦ Скопје им додели сертификати и благодарници на наставниците, учениците, родителите и локалните соработници за нивниот исклучителен придонес при развојот на интегрираното образование.

Настанот започна со обраќањето на извршниот директор на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски, кој ја потенцираше важноста на донесувањето големи заеднички одлуки со родителите и локалното население во текот на 2007 и почетокот на 2008, при основањето на првото интегрирано основно училиште во Прељубиште, Општина Јегуновце.

„Моделот што го изградивме заедно во 2008 година докажа како успешно може да функционира едно мултиетничко училиште во кое сите ученици растат заедно едни со други, а не едни покрај други. Сакам да нагласам дека интегрираното образование е неминовна потреба на образовниот систем во Македонија, потреба која од ден на ден станува сè поголема. Се надеваме дека многу брзо ќе бидат надминати стравот од непознатото, неинформираноста, предрасудите и стереотипите, и дека конечно ваквиот вид образование ќе ù биде приоритет како на централната, така и на локалната власт која е одговорна за образованието во Македонија“. Истакна во оваа прилика извршниот директор на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски.

Во текот на настанот, основачот на Нансен дијалог мрежата, Стајнер Брин, ја нагласи важната улога на родителите и семејствата на учениците од првата генерација при основањето на првото интегрирано основно училиште во с. Прељубиште, Општина Јегуновце.

„Има многу луѓе на кои треба да им се оддаде почит денес, но јас сакам да го потенцирам посебното значење на улогата на родителите. Без вашата поддршка, ова училиште немаше воопшто да започне со работа и немаше да опстои. Вие сте доказ дека при градењето на интегрираните општества, најважната група не се политичарите ниту пак наставниците, туку тоа се родителите. Вие донесовте важни одлуки за вашите деца – вие можете да отворите или пак затворите прозорци за нив. Во овој контекст, вие дефинитивно отворивте прозорци. Треба да сте горди дека вашите деца го имаа најдобриот почеток во дадените околности“. Истакна во оваа прилика основачот на Нансен дијалог мрежата, Стајнер Брин.

Присутните гости на настанот имаа можност да се потсетат на развојниот пат на Нансен моделот за интегрирано образование во Прељубиште, Општина Јегуновце, преку документарен филм подготвен од страна на НДЦ Скопје.

Во документарниот филм беше прикажана хронологијата на настани и активности од подготвителната фаза при воведувањето на Нансен моделот за интегрирано образование, сè до последните активности реализирани во текот на учебната 2012/2013 година.

По прикажувањето на документарниот филм, НДЦ Скопје додели сертификати на одделенските наставници на првата генерација ученици кои наедно беа и реализатори на интегрираните воннаставни активности според моделот за интегрирано образование.

На учениците од првата генерација им беа доделени сертификати за активно учество во интегрираните воннаставни активности во текот на последните пет години во ОУ „Фридтјоф Нансен“ во Прељубиште, Општина Јегуновце. Сертификатите и подароците со училиштен прибор им беа доделени од страна на проект-менаџерите при НДЦ Скопје, Билјана Крстеска-Папиќ и Ветон Зеколи.
Во текот на настанот, посебна благодарност беше искажана кон родителите и семејствата на првата генерација ученици за нивниот исклучителен придонес и поддршка на првото интегрирано основно училиште и нивната активна соработка со училиштето и тимот на НДЦ Скопје при имплементацијата на интегрираните воннаставни активности. На семејствата на учениците им беа доделени благодарници од страна на основачот на Нансен дијалог мрежата, Стајнер Брин.

Во завршниот дел на настанот, извршниот директор на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски, им додели благодарници на локалните соработници за нивнта поддршка и посветенот при целокупниот процес на имплементација на Нансен моделот за интегрирано образование.

Нансен моделот за интегрирано образование беше применет и развоен во првото интегрирано основно училиште во Прељубиште, и наедно, училиштето служеше како одличен пример за останатите училишта кои подоцна започнаа со импменетацијата на проектот Нансен – модел за интегрирано образование.