Визионерска и неопходна. Вака може да се опише Школата за млади политичари низ која поминаа многумина од денешните политичари кои во последните неколку владини гарнитури беа и се пратеници, министри и функционери на други јавни позиции. Школата ја организираше Нансен дијалог центарот од Скопје (НДЦ), а се одржа во Охрид во 2003 година и тоа во два дела – март-април и септември-октомври, со вкупно 21 ден активни предавања, работа во групи и симулации.

Целта беше, преку работа со подмладоците на политичките партии, тие да прераснат во подобри, поквалификувани и поедуцирани идни политичари.

На почетокот, НДЦ работеше со претставници на повеќето поголеми политички партии на утврдување на програмата на Школата.

Потоа започнаа предавањата со обуки по политички маркетинг, односи со јавностa, дијалог, дебата, политичка комуникација. Предавањата ги одржаа еминентни предавачи од земјава и од странство, меѓу кои професори, новинари, експерти.

Особено атрактивно за учесниците беше предавањето што го одржа реномираниот предавач од Норвешка, Стајнер Брин, кој предаваше на тема дијалог и културен идентитет.

Клучна карактеристика на Школата беше практичната настава, зашто учесниците низ вежби успеаја да симулираат буквално цел изборен процес од распишување избори, одржување предизборна кампања со снимање интевјуа и други медиумски настапи, одржување јавни говори, говори на митинзи, до гласање и прогласување изборен победник.

Школата за млади политичари главен акцент стави врз односот што политичарите треба да го градат со медиумите, потоа политичкиот систем, меѓународните односи, справувањето со конфликти, човековите права од аспект на меѓународните конвенции и други теми.

Во вториот дел од Школата, што се одржа во септември и октомври 2003 година, предавања одржаа и лидери на политички партии и амбасадори.

Учесниците имаа и обемни предавања за Европската Унија – нејзините институции и начинот на функционирање, за односите Македонија-ЕУ и целта поради која државата се стреми кон членство во неа.

Во двата семестри на Школата учествуваа 20 предавачи и 40 млади политичари.