На 11 мај 2015 во просториите на Министерството за образование и наука на Република Македонија, работната група за Компонента 2 од проектот ,,Мултиетнички концепт во образованието” го одржа првиот состанок. Домаќин на состанокот беше Министерот за наука и образование г-дин Абдилаќим Адеми, а присуствуваа членовите на работната група, г-дин Сафет Незири – Советник на министерот за образование и наука, г-дин Јове Талевски, д-р – декан на педагошкиот факултет во Битола, г-дин Фадби Османи, д-р – декан на Државниот универзитет во Тетово, г-дин Владо Тимовски, д-р  – декан на Педагошкиот факултет во Скопје, г-ѓа Татјана Котева-Мојсовска, д-р – продекан на Педагошкиот факултет во Скопје, г-дин Зоран Велковски, д-р – професор на Институтот за педагогија, Филозофски факултет, г-дин Сашо Стојковски – извршен директор на НДЦ Скопје, г-дин Ветон Зеколи – проект менаџер во НДЦ Скопје, г-дин Дејан Илиев, д-р – професор на Педагошкиот факултет во Битола, г-ѓа Елена Ризова, д-р – професор на Институтот за педагогија, г-дин Кирил Барбареев, д-р  – Факултет за образовни науки во Штип и г-ѓа Имране Река, назначен координативен асистент на МОН.

,,Мултиетнички концепт во образованието” е заеднички проект кој го имплементира Министерството за образование и наука во партнерство со НДЦ Скопје. Проектот се состои од две клучни компоненти: 1. Вклучување на мултиетнички средни стручни училишта во Нансен моделот за интегрирано образование и подобрување на условите за реализација на практични часови; 2. Иницијатива за унапредување    на учителската професијата.

Целта на втората компонента е да се зајакне и унапреди учителската професијата во предучилишното, основното и средното образование во Република Македонија. Процесот ќе вклучи детална анализа на образовните понуди и документација, капацитетите за обука на едукатори и наставници, како и интервјуа со учесниците во проектот.

Полињата на истражување исто така ќе опфатат современи трендови во учителската професија во Европа и глобално, структурни промени во високообразовните институции, ревизија на наставните програми, капацитети на високообразовните институции итн.

За време на првиот состанок, работната група разговараше за динамиката на планираните активности кои ќе ги спроведува проектниот тим за Компонента 2 предводен од г-дин Зоран Велковски, д-р и г-дин Фадби Османи, д-р. Проектот за Компонента 2 ќе вклучи локални и меѓународни експерти кои ќе ја пружат својата експертиза и искуство во соодветното поле.

Проектот ,,Мултиетнички концепт во образованието” финансиски е поддржан од норвешкото Министерство за надворешни работи.