(01 – 06.12, 2009) Дел од наставниците и родителите на учениците од втората генерација кои учат во интегрираното двојазично училиште во село Прељубиште општина Јегуновце, од 01 до 06 декември 2009 година престојуваа во во студиска посета на Кралството Норвешка.

Целта на посетaта беше родителите и наставниците да се запознаат со образовниот систем на Норвешка, да се разменат искуства како функционираат училиштата, условите во кои работат, квалитетот на наставните програми и вклученоста на малцинските групи во норвешкиот образовен систем.

Групата имаше можност да ги посети основните училиштата “Соре Ал“ во Лилехамер и “Тојен“ во Осло, како и Националниот центар за мултикултурно образование во Осло.

Во училиштето “Соре Ал“ во Лилехамер родителите присуствуваа на еден перформанс приреден од страна на учениците, потоа имаа можност директно да следат дел од реализацијата на наставата, а во продолжение директорката ги запозна родителите со начинот на функционирање на училиштето и со улогата на родителите во ова училиште.

Во основното училиште “Тојен“ во Осло родителите присуствувајќи на дел од наставните часови и од средбата со управата на училиштето се запознаа со најголемото мултиетничко училиште во Норвешка во кое учат ученици од 25 различни етнички заедници. Посетата на ова училиште беше добра прилика да се види како практично се употребуваат двата јазика во наставата – мајчиниот и службениот (Норвешкиот), методите, методологијата и вештините за двојазичност кои ги употребуваат наставниците во работата со учениците.

Дел од наставниците го посетија и Националниот центар за мултикултурно образование во Осло каде што од страна на домаќините беа запознаени со целите на Стратешкиот план како и со начинот и методологијата на операционализацијата на истиот. Тимот на НДЦ Скопје и наставниците ги добија наставните планови и програми кои се применуваат во мултиетничките и двојазични училишта во Норвешка.

Искуството од оваа посета е од големо значење за наставниците, родителите и за идниот развој на проектот “Интегрирано двојазично основно училиште“ што се реализира во општина Јегуновце.