(25.11 – 02.12, 2008) Наставниците од училиштето и родителите на учениците кои учат во интегрираното двојзично училиште во општина Јегуновце од 25 ноември до 02 декември 2008 година престојуваа во Норвешка. Целта на посетата беше да се посетат неколку основни училишта во Норвешка, да се разменат искуства за начините како функционираат училиштата, обемот и квалитетот на наставата и наставните програми, условите во кои се изведува наставата, улогата на родителите во училиштата со акцент на партиципацијата и волонтерската работа.
Групата имаше можност да го посети основното училиште Соре Ал во Лилехамер и да присуствува на еден перформанс приреден од страна на учениците и нивните наставници.
Од страна на директорката на училиштето беше направена презентација за структурата на училиштето и за основното образование на Норвешка.
За време на престојот во Норвешка беше направена посета на општина Ојер (Øyer Kommune) која се наоѓа на околу 25 км од Лилехамер. Групата го посети основното училиште во Ојер и од страна на директорката и заменик Претседателот на Советот на родители на училиштето беше направена презентација за училиштето и улогата на родителите во училиштето. Истиот ден групата имаше официјален прием кај градоначалничката на општината Мари Ботеруд (Mari Botterud). По презентацијата за структурата и начинот на функционирање на општината членовите на групата имаа можност да ги посетат дел од просториите на општината.
За време на посетата на Осло беше направена посета на основното училиште Тојен (TØYEN SKOLE) во кое учат околу 390 ученици од 25 различни етнички заедници. Директорот на училиштето, неговата заменичка и претставник на агенцијата за развој на образованието на Норвешка пред групата родители и наставници направија детална презентација за структурата, правилата и принципите, методологијата и употребата на двојазичноста во наставата.
Во Нансен академијата (Nansenskolen) во Лилехамер беа одржани предавања од страна на Проф. Инге Еидсваг (Inge Eidsvåg) на тема како да се биде добар наставник и улогата на наставникот во училиштето. Од страна на г-дин Даг Хареиде (Dag Hareide) – ректорот на Нансен академијата беа одржани предавања на тема Медијацијата како алатка за разрешување на конфликти. Учесниците имаа можност да ги посетат музеите Хундерфосен (Hunderfossen) и Маихауген (Maihaugen).