Нансен дијалог центар Скопје ги објави новите изданија на Годишните програми за интегрирани воннаставни активности надополнети со нови содржини наменети за реализација на Нансен моделот за интегрирано образование почнувајќи од учебната 2015/2016 година. Програмите го покриваат целосниот циклус на основно и средно образование.
Годишните програми за интегрирани воннаставни активности се изготвени од страна на Тимот за едукација, обука и развој при Нансен дијалог центар Скопје користејќи го долгогодишното искуство од основањето, примената и развојот на интегрираното образование во Македонија благодарение и на меѓународното искуство од Норвешка и Северна Ирска.
Програмите се во тесна корелација со содржините од официјалните наставни програми, збогатувајќи ги во меѓувреме интегрираните воннаставни активности со двојазичниот приод и методот на игра.
Инвентивните интегрирани воннаставни активности преку индивидуализираниот пристап кон секој ученик, двојазичниот приод, како и континуирана тимска и тандемска форма на работа влијаат врз подобрувањето на квалитетот на целокупниот воспитно- образовен процес, како и на развојот на мноштво компетенции и животни вештини кај учениците, наставниците и родителите неопходни за квалитетен соживот во заедници со мултиетнички карактер.
Годишните програми за интегрирани воннаставни активности наменети за основи и средно образование нудат содржински богати воннаставни активности кои ќе им овозможат на учениците развивање на нови вештини, збогатување и стекнување на нови знаења, градење на самодовербата како и промовирање на комуникацијата, социјализацијата, дијалогот, толеранцијата и надминувањето на стереотипите и предрасудите.
Целосната содржина на Годишните програми за интегрирани воннаставни активности е достапна само во печатена верзија и е наменета за непосредните реализатори на Нансен моделот за интегрирано образование во училиштата вклучени во проектот, како и во училиштата коишто го применуваат моделот преку проектни активности.