На 11 декември, 2014 г. Нансен дијалог центар Скопје организира тркалезна маса во просториите на ОУ „Братство Миѓени“ во Тетово со цел да се разговара околу ризиците поврзани со трендот на поделба на училиштата во општина Тетово, како и споделување на искуствата поврзани со примената на Нансен моделот за интегрирано образование.

На тркалезната маса се обратија Високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ, Астрид Торс, градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи и директорот на Нансен дијалог центар Скопје , Сашо Стојковски. На тркалезната маса беа присутни претставници од канцеларијата на Високиот комесар за национални малцинства, претставници на Управниот одбор на НДЦ Скопје и канцеларијата на НДЦ Скопје, управата на училиштето, претставници на Државниот просветен инспекторат, Бирото за развој на образованието како и дел од  наставниците, родителите и учениците.

Тркалезната маса се организира со цел да се изнајдат решенија и да се дадат можни препораки за зголемување на степенот на интеграција во училиштата и со тоа да се намали трендот на поделба на училиштата по етничка линија.