На 28 ноември 2012 год. во просториите на МИТ Универзитетот беше одржан едукативен форум на тема “Етничкиот соживот во образованието: реалност и перспективи“ организиран од страна на Ротаракт Скопје. Нансен Дијалог Центар Скопје беше дел од овој форум како организација која во пракса успешно работи на подобрување на односите помеѓу учениците, родителите и наставниците од различни етнички заедници. На едукативниот форум како претставник од НДЦ Скопје беше Анче Јованоска- кординатор за едукација при НДЦ Скопје. Темата на презентацијата на претставнчката од НДЦ беше “Интегрирано образование – придонесуваме за надминување на различностите“.

Форумот започна со предавањето на проф.Соња Ризоска Јовановска која се обиде преку своите долгогодишни истражувања од областа на мултикултурата да прикаже каков е соживотот на луѓето од различни етнички заедници во Македонија.

Вториот дел од овој форум беше посветен на Нансен Дијалог Центар Скопје и за програмските активности кои се рализираат. Присутните ја проследија презентацијата за НДЦ Скопје за почетоците на канцеларијата и за тоа што претставува Нансен моделот за интегрирано образование. Накратко беше објаснето за Тренинг центарот, причините за негово формирање и целите кои се постигнуваат со неговото работење. Во текот на презентацијата беше истакнато значењето на Програмата за соработка со родители. На крајот беа споделени позитивните искуства од долгогодишното работење на НДЦ Скопје и потешкотиите при отпочнувањето на проектот во некое училиште или и во текот на понатамошното работење. После реализираната презентација беше прикажано краткото видео по повод добивањето на наградата Макс ван дер Штул за 2011 година.

На крајот на едукативниот форум беше донесен заклучок за поттикнување на Научните институции да не работат само на теоријата туку потребно е повеќе да се насочат на праксата, да помогнат во реализирање на теоријата и да го работат она што успешно го прават невладините организации.