(05.12, 2008) Eva Bueie Nygård – Директорка на основното училиште “Видархеим“ од општина Ојер, Норвешка во придружба со Проф. Стеинар Брин – директор на Нансен мрежата на Балканот, на 5-ти декември го посетија ИДОУ “Фридјоф Нансен“. Директорката имаше можност да се запознае со работата и начинот на кој функционира училиштето и да разговара со наставничките и учениците за двојазичноста и интегрираноста во училиштето.
Во чест на гостите од Норвешка во интегрираното двојазично училиште на 06 декември 2008 година се одржа “Норвешка вечер“ посветена на добитникот на Нобелова награда за мир Фридтјоф Нансен. На овој настан присуствуваа и дел од жителите на општина Јегуновце кои преку активностите на НДЦ Скопје имале прилика да ја посетат Норвешка, дел од тимот на НДЦ Скопје и Бујановац – јужна Србија.

Истата вечер беше презентиран документарниот филм “Ледениот крал“ (BBC) кој се однесува на истражувачкиот подвиг на Фридтјоф Нансен во откривањето на северниот пол. Од страна на НДЦ Скопје беше кажано дека настаните од ваков вид посветени на културата и традицијата на Норвешка ќе се организираат и во иднина најмалку еднаш месечно.