Нансен Дијалог Центар Скопје е локална невладина и непрофитна организација, основана во 2000. година.

НДЦ Скопје е профилиран како интеркултурен ресурсен центар, кој континуирано креира и развива иновативни интеркултурни воспитно-образовни стратегии, приоди и извори, поддржувајќи ги наставниците, учениците и родителите во создавањето на нови и успешни интеркултурни училишни практики.

Визијата на НДЦ Скопје е општество во кое сите имаат еднаков пристап до квалитетно образование базирано на интеркултурализам, интеграција и (интеретничка) меѓуетничка кохезија.

Мисијата на НДЦ Скопје е давање поддршка и придонес во развојот на образованието преку зајакнување на капацитетите на воспитно-образовните институции и субјекти со иницирање на интеркултурни и иновативни образовни политики и практики, како и промоција и примена на дијалогот во насока на превенција на конфликти, помирувањето и градењето на мирот во општеството. 

Главен донатор на НДЦ Скопје е Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Вредности и принципи на НДЦ Скопје се:

  • Еднакви можности
  • Недискриминација
  • Повеќејазичност
  • Транспарентност и отвореност
  • Позитивен и инклузивен амбиент
  • Можности за развој на иновации и капацитети
  • Креативност, флексибилност, оригиналност
  • Конструктивна и отворена комуникација
  • Посветеност
  • Заемно почитување
  • Мотивираност
  • Лојалност
  • Тимска работа
  • Ефикасност и ефективност
  • Толеранција
  • Одговорност
  • Демократичност
  • Информираност
  • Професионализам и долгогодишно искуство

РАЗВОЕН ПАТ НА НДЦ СКОПЈЕ

По основањето на Нансен Дијалог Центар Скопје во 2000. година, фокусот на организацијата беше главно насочен кон  ученици, студенти, млади политичари, претставници на невладини организации. Целта на активностите беше да се запознаат учесниците со вештините за ненасилна комуникација и водење на конструктивен дијалог.

Во 2001. година, активностите беа проширени и на регионално ниво, преку организирање на неколку семинари и форуми со новинари, млади лидери, политичари  од Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска.

Во 2003. и 2004. година, фокусот на програмските активности беше ставен на зајакнување на капацитетите на политичките партии т.е. на младинските организации на политичките партии, преку формирање и спроведување на повеќе “Школи за млади политичари“.

Во 2005. година НДЦ Скопје започна да ја спроведува програмата “Дијалог и помирување“ во општина Јегуновце каде во 2002. година се случи поделба на основните училишта по етничка основа.

Преку дијалог семинари и обуки за комуникација, соработка, толеранција, тимска работа и мирно разрешување на конфликти, беа создадени услови за отворање на шест кабинети, во кои учениците во мешан етнички состав посетуваа двојазични курсеви по информатика, англиски, македонски и албански јазик.

Програмата беше спроведувана до  2008. година, кога се создадоа услови за отворање на првото Интегрирано основно училиште “Фридтјоф Нансен” во с. Прељубиште, општина Јегуновце. Како резултат на оваа инцијатива се разви и се спроведуваше Нансен модел  за интеркултурно образование, базиран на интегриран, двојазичен и игровен пристап во воннаставни активности.

Веќе во 2010. година, официјално беше отворено и првото Интегрирано средно училиште “Моша Пијаде” во с. Прељубиште, по што проектот успешно се пришири и во други општини.

Во изминатава деценија, НДЦ Скопје посветено работи на промоцијата на интеркултурното образование и Нансен модел во повеќе од триесет основи и средни училишта, како во државата, така и во регионот, со вклучени над 6000 ученици, како и преку 700 наставници.

Важен удел во спроведувањето на мисијата и визијата на НДЦ Скопје има и првиот Тренинг центар за интеркултурно образование, основан во 2012. година, во соработка со Министерство за образование и наука.

Во 2013.година е остварено партнерство со Советот за интегрирано образование на Северна Ирска, како долгогодишни експерти во сферата на интегрирано образование.

Тренинг центар при НДЦ Скопје нуди разновидни програми за интеркултурни обуки за воспитно-образовен кадар, поддржувајќи го нивен личен и професионален развој.

Во 2015. година тимот на НДЦ Скопје го изготви стратешкиот документ: Концепција за интеркутлурно образование, кој е прифатен од страна Министерство за образование и наука во 2016. година.

Тргнувајќи од приоритетите на Концепцијата, извршени се две повеќеслојни анализи на севкупната учебникарска литература, достапна на сите наставни јазици во основното образование, вреднувајќи ја интеркултурната димезија во истите.

Концепцијата за интеркултурно образование иницираше и спроведување на обемното истражување во десет училишта, со цел идентификување на интеркултурната состојба во мултиетнички училишни средини.

НДЦ Скопје е добитники на престижната награда Макс ван дер Штул на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за 2011. година, за исклучителна работа во промовирање на интегрирано образование и подобрување на соработката меѓу различни етнички заедници.