На 15 декември 2012 година Нансен Дијалог Центар Скопје го одбележа започнувањето на проектот Нансен модел за интегрирано образование при ООУ “Страшо Пинџур“, општина Карбинци. По повод одбележувањето на почетокот на проектот на присутните гости им се обратија Министерот за образование и наука г-дин Панче Кралев, градоначалникот на општина Карбинци г-дин.Васил Богдански, извршниот директор на НДЦ Скопје г-дин. Сашо Стојковски и директорката на ООУ “Страшо Пинџур“ г-ѓа. Наталија Костова. Присутните гости имаа прилика да проследат краток перформанс подготвен од страна на учениците.

Во проектот ќе бидат вклучени дел од учениците, родителите и наставниците од македонската и турската етничка заедница со цел да се зголеми соработката и степенот на интеграција.

Наставниците кои непосредно ќе ги имплементираат интегрираните воннаставни активности ги следеа обуките за интегрирано образование во рамките на Тренинг центарот на НДЦ Скопје и ќе работат според годишните програми за имплементација на интегрирани воннаставни активности подготвени од страна на тимот за едукација при НДЦ Скопје. Покрај обуките за наставниците и програмите за ученици, посебна програма за соработка со родителите ќе биде доставена и реализирана која ќе придонесе за зајакнување на соработката помеѓу родителите, наставниците и учениците од различни етнички потекла.

“Еден од најдобрите примери и модели кој може да се промовира и по кој може да се работи на концептот на интегрирано образование е секако Нансен моделот кој го имплементира Нансен Дијалог Центар Скопје каде што интегрираното образование се пренесува преку воннаставни активности на децата од различни етнички средини” истакна во оваа прилика Министерот Кралев.

За Нансен моделот за интегрирано образование

Нансен моделот за интегрирано образование (НМИО) е нов модел на образование во Република Македонија кој овозможува успешна интеграција на учениците, родителите и наставниците од различни етнички заедници преку современ воспитно образовен процес.

НМИО е модел на образование кој ги негува, охрабрува и интегрира во себе мултиетничките вредности, двојазичноста и истовремено ја промовира и поддржува соработката помеѓу учениците, наставниците и родителите која е втемелена врз почитувањето на разликите, градејќи притоа една кохезивна мултиетничка заедница.

Кликнете тука за да ја погледнете Нансен Модел брошурата. (PDF)

За повеќе фотографии, кликни тука.