Во периодот од 22- 31 август, 2012 во рамките на Тренинг Центарот за интегрирано образование при НДЦ Скопје се реализираше теоретскиот дел од основниот пакет обуки за интегрирано образование. Обуките беа огранизирани во пет работилници кои ги опфатија сите тематски подрачја предвидеви во основниот пакет обуки за интегрирано образование подготвени и реализирани од страна на тимот за едукација при НДЦ Скопје.

Во текот на обуките беа обработени следните теми: “Обележја на Нансен модел за интегрирано образование”, “Форми, методи и техники на работа во интегрирани двојазични групи”,” Интеграцијата како линк помеѓу наставни и воннаставни содржини”, “Планирање и креирање на интегрирани воннаставни активности”, “Двојазичната компонента во воннаставните активности”, “Видови комуникација во двојазични групи”, “Улогата на играта во интегрираните воннаставни активности”, “Улогата и значењето на тимската и тандемската соработка”, “Надминување на стереотипи и предрасуди во етнички мешани групи”, “Ученици, родители и наставници- активни партнери во интегрирани училишта”. Учесниците кои успешно го завршија теоретскиот дел од основните обуки ќе учествуваат во практичите обуки кои ќе се реализираат следниот месец.
Првата група учесници на основниот циклус обуки беше составена од наставници и педагози од шест мултиетнички основни училишта во Р. Македонија, односно ООУ “Рајко Жинзифов”- општина Чаир, ООУ “Маршал Тито”- општина Струмица, ООУ “Страшо Пинџур”-општина Карбинци, ЦОУ “Гоце Делчев”- општина Конче, ПОУ “Кочо Рацин”- општина Петровец и ПОУ “Шемшово”- општина Јегуновце.

“Јас доѓам од училиште каде што редовната настава се реализира на два јазика- Македонски и Турски наставен јазик. Сигурна сум дека Нансен моделот за интегрирано образование ќе биде прифатен позитивно од сите. Овој начин на работа ќе ја зајакне соработката и ќе ја поттикне социјализацијата помеѓу учениците и наставниците, а тоа ни е многу потребно во нашето училиште.  Добро е за нас како учесници да научиме нешто повеќе за различните нивоа на комуникација кои ни се пренесуваат со голем професионализам од страна на обучувачите од НДЦ Скопје” – Нада Арсова – наставничка во ОУ Страшо Пинџур-општина Карбинци- учесничка во првиот циклус основни обуки.

Обуките  во Тренинг центарот за интегрирано образование се  реализираат преку 60% теорија и 40% практична работа. Теоретскиот дел се реализира во Тренинг центарот, додека практичниот дел ќе се одржува во селектирани училишта кои се дополнително технички опремени и кои успешно го спреведуваат Нансен моделот за интегрирано образование.