Стратешки и значајни. Два меморандуми за соработка потпиша Нансен дијалог центарот од Скопје (НДЦ) во март 2020 година: со Владата на Република Северна Македонија и со Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Меморандумот со Владата ја означи соработката со Координативното тело за  имплементација на Националната стратегија Едно општество и интеркултурализам.

Целта на овој стратешки документ е да даде поддршка и придонес во зајакнувањето на интеркултурните инцијативи во повеќе витални сфери на општественото живеење, како: образование, култура, локалната самоуправа, медиуми, правна рамка и млади.

Својот придонес НДЦ го дава токму во образованието, вклучувајќи ги активностите од својата специјалност – интеркултурното образование.

Овој чекор ќе има важно и позитивно влијание врз сензибилизирањето на воспитно-образовниот кадар во државата за многубројните аспекти на интеркултурното образование.

НДЦ понуди интерактивни обуки за 180 наставници од основните и од средните училишта кои ќе дадат значаен придонес во развојот на концептот на интеркултурно образование, како еден од клучните приоритети за нашето општество конечно вистински да биде едно општество за сите.

Целта на соработката со Педагошкиот факултет, пак, е реализација на обуки од интеркултурен карактер наменети за студентите од завршните години на додипломски студии.

Ваквата иницијатива ќе ги подготви идните наставници и воспитувачи во градењето интеркултурни компетенции неопходни за нивниот понатамошен професионален ангажман.

Освен со теоретски, ќе се стекнат и со практични знаења, преку посета на модел-училишта во кои НДЦ веќе го реализира Нансен моделот за интеркултурно образование.

Обуките ќе овозможат стекнување знаења и вештини и сензибилизирање на студентите за предизвиците на интеркултурното образование. Тие ќе се реализираат на три наставни јазици, за да можат да ги следат сите заинтересирани студенти од Педагошкиот факултет.

НДЦ овие активности ги реализира заедно со германската организација „Форум ЗФД“.