Нансен дијалог центар од Скопје, реализирајќи ја својата визија како невладина организација што промовира поквалитетно образование базирано на интеркултурализам и меѓуетничка кохезија, поттикна изработка на македонско-албански / албанско-македонски разговорник, проект што беше поддржан од страна на Високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ, а беше реализиран од двајца автори, универзитетските професори д-р Бертон Сулејмани и д-р Веселинка Лаброска.

Разговорникот излезе од печат во 2019 година, а се состои не само од класично хартиено издание, туку и од електронска верзија достапна бесплатно на посебна интернет-адреса наменета за овој разговорник и реализирана информатички од страна на Ване Рујков како наменска електронска апликација, каде што дијалозите можат да бидат слушани како се изговараат од страна на соодветни спикери, говорители на дадениот јазик. Ова е електронската адреса www.fraza.mk на којашто е достапен разговорникот. Исто така разговорникот може да се симне бесплатно за мобилен телефон – Android од Play Store и за iOS од App Store.

Разговорникот ги содржи следниве делови: Предговор, Содржина, Основни зборови каде што се дадени следниве содржини: Броеви, Поздрави, Изрази за учтиво обраќање, Денови во неделата, Месеци во годината, Називи на градови во Република Северна Македонија, Називи на поголеми градови во поблискиот регион, Називи на држави, Празници, Албанско-македонски фразеологизми, Македонско-албански фразеологими и потоа, централниот дел на книгата Дијалози, вкупно 42, кои опишуваат различни ситуации од секојдневниот живот на група средношколци (ќе наведеме дел од насловите на дијалозите: Во такси, На железничка станица, Во воз, Во киоск, Со градски автобус, Во гимназија, Во пошта, Кон аеродром, Информации, Запознавање, Во летниот камп, Во матично одделение, Кај чевларот, Во ресторан, На пазар, Прошетка, Патување со брод и др.).

Дијалозите се персонализирани (нив ги водат конкретни ликови) и го отсликуваат реалниот стандарден изговор на двата јазика, но со колоквијална лексика секаде каде што има потреба за дијалогот да звучи поприродно. По секој дијалог има краток речник со зборови / изрази од дадената област за којашто се зборува во дијалогот, како и кратка граматичка содржина за избран збор од конкретниот дијалог (глаголска форма, именка, придавка, заменка, сврзник, предлог, член и сл.), сето тоа убаво осмислено и изработено од авторите, Сулејмани и Лаброска. Како начин за збогатување на знаењата, на крајот на секој дијалог има по една поговорка, најчесто идентична и со значење и со зборовен состав во двата јазика, македонскиот и албанскиот. Дијалозите се збогатени со содржини што нудат интересни географски и историски податоци за местата каде што се движат ликовите од Разговорникот.

Со помош на овој Разговорник за учење на македонски / албански јазик, прв од ваков вид во нашава средина, секој што сака да учи преку едноставно слушање на изговорот, но и со истовремена можност за следење на правилното пишување на дадениот исказ, може сега да го направи тоа побрзо и поедноставно, со неколку кликнувања на апликацијата на Разговорникот www.fraza.mk или, покласично, со користење на печатената верзија.

Со овој разговорник, Нансен дијалог центар од Скопје и Високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ, овозможија реализирање на уште еден убав проект за подобро разбирање на овие балкански простори, преку реализација на вредностите повеќејазичност, креативност и оригиналност. Овој разговорник, како и претходно објавениот двонасочен македонско-албански / албанско-македонски речник (достапен на www.hcnm-ndc.org), претставуваат уште едно скалило погоре во правец на подобро меѓуетничко разбирање и кохезија во Република Северна Македонија.