Корисни и практични. Вака може да се опишат двете алатки кои го олеснуваат секојневниот живот во нашето мултијазично општество – речникот и разговорникот кои се двонасочни – македонско-албански и албанско-македонски.

Речникот и разговорникот ги креираа експертски тим со иницијатива и поддршка од Нансен дијалог центарот од Скопје (НДЦ), а во соработка со Канцеларијата на високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ.

Користејќи го речникот, учениците Македонци и Албанци можат лесно да го совладаат основниот албански, односно основниот македонски јазик.

Тој содржи фонд од вкупно 9.000 зборови или по 4.500 од двата јазика. Зборовите се извлечени од учебниците што се користат од четврто до деветто одделение. Така на децата Македонци и Албанци на оваа возраст им се олеснува меѓусебното разбирање, посебно кога зборуваат за училишни теми.

Со овој извор на јазично знаење се намалува разликата во предзнаењата на двата јазика кај учениците, бидејќи учениците Албанци учат задолжителен македонски јазик почнувајќи од четврто одделение, а учениците Македонци го имаат како изборен предмет албанскиот јазик.

Речникот е едноставен за користење, бидејќи го има и во електронска и во печатена верзија.

По успехот со издадениот речник, Нансен дијалог центарот го создава и двонасочниот разговорник – македонско-албански и албанско-македонски.

Разговорникот, исто така, е достапен во електронска и во печатена верзија. Тој е едноставна алатка за лесно и брзо совладување на основните изрази при разговор на двата јазика. Со тоа се олеснува секојдневното модерно живеење во ова поднебје.

Разговорникот содржи фрази, зборови, умотворби и 45 дијалози кои ќе ви помогнат да се снајдете со албанскиот или со македонскиот јазик во секојневни ситуации во училиште, во такси, на аеродром, во пошта, во ресторан и сл.

Речникот и разговорникот се достапни за бесплатно преземање како мобилна и како компјутерска апликација.

Тие го будат интересот за проучување на сличностите меѓу двата јазика кај младите, како вредност на нашето општество.

Иако се наменети за млади од основно и средно образование, речникот и разговорникот можат да им бидат многу корисни на сите генерации.