Уникатно и обединувачко. Вака може да се опише Основното училиште „Фритјоф Нансен“ кое беше отворено во октомври 2008 година во селото Прељубиште, во Општина Јегуновце.

Ова беше првото интегрирано двојазично основно училиште во Северна Македонија во кое се направени пионерски чекори за зближување на децата Македонци и Албанци од овој дел на Полошкиот Регион во кој во тоа време, сѐ уште, се чувствуваа последиците од воениот конфликт во 2001 година.

Во населените места во кои настана длабока поделба на населението врз етничка основа, Нансен дијалог центарот од Скопје (НДЦ) тргна во мисија која тогаш на многумина им изгледаше невозможна – учениците од две етнички заедници, кај кои владее меѓусебна недоверба, да учат заедно во ист објект и во исти училници.

Со посветеност, внимателност и истрајност, тимот на НДЦ успеа да ја стекне довербата на родителите кои храбро дадоа поддршка за отворање на училиштето.

24 првачиња, половина од македонска, а половина од албанска националност, ја започнаа учебната година во малото училиште во селото Прељубиште. Многумина од нив за првпат научија по некој збор од „другиот“ јазик, а научија и дека, каква и да е нивната припадност, имаат иста цел – да учат и да пораснат во здрави личности кои еднакво квалитетно ќе придонесуваат за подобра средина во која некогаш ќе живеат и нивните деца.

Малото училиште стана голем извор на нови, успешни и сплотувачки моменти кои со секој изминат училиштен ден развиваа доверба, емпатија, почитување и соработка меѓу учениците, нивните родители, наставниците и другите вработени во училиштето.

Бројни странски и домашни делегации доаѓаа да го посетат, а училиштето стана непресушна инспирација за многу новинарски текстови во кои се раскажуваше за успешната приказна.

Тогашните првачиња денес се возрасни личности кои учеа и растеа во позитивно, поттикнувачко и безбедно училиште кое стана светол пример и модел за многу училишта кои прераснаа во партнери во развојот на Нансен моделот за интеркултурно образование во Северна Македонија.

Отворањето на првото интегрирано двојазично училиште во Прељубиште не ќе беше возможно без поддршката од главниот донатор – Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.