Темелно и индикативно. Вака може да се опише истражувањето на содржината на учебниците за основно образование што во 2017 година го реализираше Нансен дијалог центарот од Скопје (НДЦ) со тим од петнаесеттина експерти, а во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.

Целта беше да се направи увид во застапеноста и начинот на претставување на културните обележја и интеракцијата меѓу различните етнички заедници во земјата.

Истражувањето посочува содржини кои не се во полза на етничка, родова, социјална, културна, лингвална еднаквост. Со корекција на овие содржини може да се придонесе за поквалитетни учебници од мултикултурен и интеркултурен аспект.

Се работеше според шест категории за анализа: културен идентитет, интеракција меѓу различните, стереотипи и предрасуди, лични имиња и автори, претставување на татковината и отвореност кон светот.

Анализирани беа вкупно 399 учебници во учебната 2015/2016 година на македонски, албански, турски и српски наставен јазик.

Од истражувањето може да се заклучи дека е потребно во сите учебници по сите наставни јазици да се вклучат повеќе содржини што ќе овозможат запознавање со културните обележја на сите заедници во Северна Македонија. Потоа, наместо да се потенцираат разликите, да се истакнуваат сличностите, потребна е родова и етничка избалансираност, како и вметнување содржини за универзалните човекови вредности.

НДЦ истата година беше поканет од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија да го води процесот на реформи во основното образование. Клучната задача на НДЦ во реформата беше вметнување на интеркултурната компонента во редовните наставни програми. Беше формирана група експерти по сите предмети што се затапени во наставната програма кои ги подготвија содржините за прво, второ и трето одделение од основното образование. Содржините беа испратени на евалуација во Северна Ирска, каде беа високо вреднувани.

Мултикултурноста и интеркултурноста во учебниците од шесто до деветто одделение во основното образование во Република Македонија
Мултикултурноста и интеркултурноста во учебниците од прво до петто одделение во основното образование во Република Македонија